Голема благодарност за сите што дојдоа тука и за нивната поддршка, кажа македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски, кој освои сребрен медал на Летните олимписки игри во Токио, по пристигнувањето на скопскиот аеродром каде што беше пречекан од бројни љубители на спортот.

На аеродромот беа присутни голем број на луѓе со македонските национални обележја, како и претставници на медиумите, кои го поздравија херојот од Токио. Георгиевски со отворен автобус од аеродромот се упати кон Скопје.

Македонскиот таеквондист упати покана за заедничка прослава на неговиот успех, посветувајќи го на целиот македонски народ. Тој и неговите тренери ќе добијат пречек и на плоштадот Македонија од 19.30 часот.


МОК и Град Скопје ќе го наградат сребрениот олимпиец

Град Скопје ќе му додели парична награда во износ од 300.000 денари на Дејан Георгиевски. Оваа одлука, на иницијатива на градоначалникот Петре Шилегов, ќе се најде на дневниот ред на следната седница на Советот на Град Скопје.

Македонскиот олимписки комитет (МОК) исто така го награди успехот на Дејан Георгиевски.

– Олимпискиот комитет на Северна Македонија кој и досега севкупно ги финансираше сите подготвителни активности на Таеквондо репрезентативците на најпрофесионален начин, има задоволство дополнително да даде и финансиска награда за најзаслужниот за овој извонреден успех кој е круна на повеќегодишната систематска работа на стручниот штаб сесрдно подржан од Олимпискиот комитет. Финансиската еднократна награда ќе изнесува 10.000 евра за Дејан Георгиевски. Дополнително Олимпискиот комитет ќе обезбеди максимална стипендија за Дејан за следните Олимписки игри во Париз 2024 во износ од 1.000 долари месечно – соопшти МОК.

Георгиевски претходно доби парична награда од Владата (20.000 евра) и Агенцијата за млади и спорт (10.000 евра).

Дејан Георгиевски по историскиот настап на Олимписките игри, каде што го освои сребрениот медал, стана најуспешниот македонски спортист на Летните олимписки игри, а ова е прв медал за Македонија по пауза од 21 година.