Бројката на учесници годинава ќе изнесува околу 1.600 во сите конкуренции, ќе нема масовност како минатите години, ќе нема ни елитни тркачи од странство, но, и покрај тоа, очекувам интересна и возбудлива трка. Во услови на пандемија на ковид-19 и на масовни одложувања на вакви и слични трки, многу е важно да ги почитуваме специјалните протоколи и правила, вели директорот на трката Кире Синадиновски

АТЛЕТИКА

Привршуваат последните подготовки за годинашниот 16. Скопски атлетски маратон, кој треба да се одржи в недела низ улиците на главниот град на Македонија. Стартот и целта се на платото пред спортската сала „Борис Трајковски“ (од 8.30 до 9.15 часот). Трката ќе се одвива по булеварот Илинден до населбата Хром, потоа по булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, низ Центар, до булеварот Србија во населбата Ново Лисиче и назад до Центар и по булеварот Илинден. Маратонците и учесниците во штафетниот маратон ќе трчаат два, а полумаратонците еден круг.
– Бројката на учесници годинава ќе изнесува околу 1.600 во сите конкуренции, ќе нема масовност како минатите години, ќе нема ни елитни тркачи од странство, но, и покрај тоа, очекувам интересна и возбудлива трка. Во услови на пандемија на ковид-19 и на масовни одложувања на вакви и слични трки, многу е важно да ги почитуваме специјалните протоколи и правила. Тоа значи задолжително носење заштитна маска во зоната на стартот и по пристигнувањето на целта.

Пред стартот на сите учесници ќе им се мери телесната температура, стартните боксови ќе бидат проширени, а натпреварувачите, по петмина во линија и на прописно растојание од 1,5 метар, ќе стартуваат на секои 10 секунди, од 8.30 до 9.15 часот – вели директорот на трката Кире Синадиновски.
За оние што беа спречени да бидат дел од овој настан, организаторите подготвија виртуелна трка за која се пријавија над 100 учесници, главно од странство. Тие во периодот од 1 септември до 4 октомври треба да ја истрчаат својата виртуелна трка на која било локација и како доказ ќе треба да достават запис или линк од ГПС-часовникот, односно од мобилната апликација. Резултатите од виртуелната трка ќе бидат објавени во посебен дел по 4 октомври, но нема да се сметаат како официјални, истакнуваат организаторите.

Победниците на маратонот ќе добијат по 1.200 евра, плус бонуси од дополнителни 800 евра за времиња под 2:18,59 часа за мажи, односно 2:46,59 часа за жени.
Рекордот на Скопскиот маратон во машка конкуренција, на Кениецот Кируи Кипротич, од 2016 година, изнесува 2:12,36 часа, а во женска конкуренција, на неговата сонародничка Стела Барсосио од 2017 година, 2:33,42 часа. 


СКОПСКИ МАРАТОН 2020

  •  старт в недела, од 8.30 до 9.15 часот, на платото пред спортската сала „Борис Трајковски“
  • 16-то издание на трката
  •  околу 1.600 учесници
  • задолжително носење заштитна маска во зоната на стартот и по пристигнувањето на целта
  •  пред стартот на сите учесници ќе им се мери телесната температура
  •  проширени стартни боксови
  •  натпреварувачите, по петмина во линија и на растојание од 1,5 метар, ќе стартуваат на секои 10 секунди
  •  првпат виртуелна трка, пријавени над 100 учесници