Сигурно во календарот ќе има 23 трки, од март до ноември. Можам да кажам дека нема да одиме насекаде со форматот за спринт. Тоа е нешто што сакаме да го задржиме за една третина од трките, повеќе или помалку, рече претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали, пренесе Ф1
ФОРМУЛА 1
Според календарот на Формула 1, следната година ќе има рекордни 23 трки, а сезоната треба да заврши до средината на ноември, според претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали, пишува Ф1 на својата интернет-страница. И покрај пандемијата на ковид-19, шампионатот ја има најдолгата сезона, со 22 трки, но Ф1 има цел да има една повеќе в година. Календарот за 2022 година се очекува да биде објавен кон крајот на октомври.
– Можам да предвидам дека сигурно во календарот ќе има 23 трки. Се разбира дека ќе ги почитуваме прописите за ковид, издадени низ целиот свет од различни влади. Едно што можам да ви кажам, без да откривам премногу, е дека в година сезоната ќе почне кон средината на март и ќе заврши кон средината на ноември – рече Доменикали во интервју за „Скај спортс”, пренесе Ф1.
Форматот на Ф1 со спринт-трки почна со две сезонава, во Силверстоун и во Монца, и ќе има трета во Интерлагос, во ноември. Доменикали рече дека концептот за спринт-квалификации во петоци, спринт-трка во саботи и гран при во недели е „неверојатен успех“ и во моментов се планира да продолжи в година на околу седум или осум трки.
– Рековме во почетокот на годината дека ќе има три теста годинава за да се увериме дека го имаме вистинскиот план за иднината. Огромното мнозинство од коментарите што ги добивме беа суперпозитивни. Промоторите се суперсреќни затоа што има нешто ново и важно во петоците, саботите и во неделите. Ги добиваме овие позитивни повратни информации, затоа треба да знаеме следната година дека имаме одличен план, каде што ќе ги разгледаме и нештата истакнати од луѓе што не го сакаа овој формат. Општо земено, тоа беше неверојатен успех. Можам да кажам дека нема да одиме насекаде со форматот за спринт. Тоа е нешто што сакаме да го задржиме за една третина од трките, повеќе или помалку, да имаме одреден различен начин на доделување награди и поени и да се поврземе со специфични трки, што како што знаете, би направило разлика – вели Доменикали, пренесе Ф1.