ЗДРАВКО ДЕЈАНОВИЌ, ПЛАНИНАР И АЛПИНИСТ

Во 2018 година имав неуспешно искачување, па оттаму тоа за мене претставува некаква „недовршена домашна задача“. Се надевам и дека дотогаш ситуацијата со ковид-19 ќе се подобри и оти ќе ја остварам таа цел, вели Дејановиќ, човекот што има искачено три врва на Хималаите со височина над 8.000 метри (Монт Еверест, К2 и Анапурна). Тој деновиве ја објави третата книга за искуствата од Хималаите, со наслов „Монт Еверест, ѕвонарот на височините“

Поради пандемијата на коронавирусот, 2020 година, за жал, помина без некои посериозни потфати, односно на клупски план беа откажани искачувањата на највисокиот врв во Европа, Елбрус (5.642 метри), и на Кан Тенгри (7.010 м). Тоа значи дека тие планови се префрлаат за 2021 година. Она што е вредно за споменување од 2020 година се алпинистичките искачувања во зимски услови на Олимп, на врвот Стефани, и на Вихрен, преку Џамџиев Раб, се осврнува на 2020 година македонскиот планинар, алпинист и хималаист, Здравко Дејановиќ, човекот што има искачено три врва на Хималаите со височина над 8.000 метри – Монт Еверест (8.848), К2 (8.611) и Анапурна (8.091).

За во следната година прва желба и приоритет за Дејановиќ останува повторниот обид за искачување на еден од највисоките врвови на Хималаите, Канџезонга, висок 8.586 метри.
– За во 2021 година планот е, а за тоа и се подготвувам подолго време, да се искачам на третиот врв по височина на Хималаите, Канџезонга. Во 2018 година имав неуспешно искачување, па оттаму тоа за мене претставува некаква „недовршена домашна задача“. Се надевам и дека дотогаш ситуацијата со ковид-19 ќе се подобри и оти ќе ја остварам таа цел – вели Дејановиќ.
Во меѓувреме, Дејановиќ ја напиша и деновиве ја објави својата трета книга за искуствата од Хималаите, под наслов „Монт Еверест, ѕвонарот на височините“. Претходно Дејановиќ ги напиша и книгите „Како го искачив К2“ во 2017 година и „Анапурна, агонија и молитва“ во 2018 година.

Кои беа мотивите што ве поттикнаа да ја напишете оваа, но и другите книги, и доживеаното да го споделите со јавноста?
– Трите книги ми помогнаа да ги преиспитам работите што таму ми се случија и од нив да ги извлечам и да ги разберам животните лекции поврзани со сопствените амбиции придружени со драстични подеми и падови. Првата книга за К2 ја почнав со голема недоверба и несигурност, имав чувство дека немам авторски капацитет и потенцијал за такво нешто. Меѓутоа реакциите од тие што ја прочитаа книгата, за мене беа многу позитивни. Кога ја почнав втората книга за искачувањето на Анапурна, бев многу посигурен. За најновата книга, пак, бев целосно опуштен и можев многу послободно и поверодостојно да ги изразам, пред сѐ, емоциите и психолошките моменти што ме следеа на долгите и напорни експедициски искачувања – вели Дејановиќ, кој најавува дека планира да напише и хималајски прирачник.