Со триумфот на турнирот Синсинати тој е првиот тенисер што барем двапати ги освои сите девет турнири од серијата Мастерс 1.000. Од активните тенисери, на Надал за „златниот мастерс“ му недостигаат триумфи во Париз и во Мајами, на Федерер во Монте Карло и во Рим, на Мареј во Индијан Велс и во Монте Карло итн.

НОВ РЕКОРД НА СВЕТСКИОТ ТЕНИСЕР БРОЈ ЕДЕН

Новак Ѓоковиќ е единствениот тенисер што најмалку двапати ги освои сите девет турнири од серијата Мастерс 1.000 (т.н. златен мастерс), откако славеше во финалето со Милош Раониќ со 1-6, 6-3, 6-4 на турнирот Синсинати, што годинава, поради пандемијата на коронавирусот, се играше во Њујорк и без публика. Тој турнир тој првпат го освои во 2018 година. Ниту еден друг тенисер ги нема освоено барем по еднаш сите мастерс-турнири.
Наедно, српскиот тенисер стана првиот светски рекет број еден што славел на турнирот во Синсинати по Швајцарецот Роже Федерер во 2012 година. Тоа беше 35-ти триумф за Ѓоковиќ на мастерс-турнирите, со што се израмни со досегашниот осамен рекордер, Шпанецот Рафаел Надал.

На мастерс-турнирите Ѓоковиќ има шест победи во Мајами, по пет во Париз и во Индијан Велс, по четири во Рим, Шангај и во Канада, три во Мадрид и по два во Синсинати и во Монте Карло.
Од активните тенисери на Надал за „златниот мастерс“ му недостигаат триумфи во Париз и во Мајами, на Федерер во Монте Карло и во Рим, на Енди Мареј во Индијан Велс и во Монте Карло итн.
Ѓоковиќ годинава има 23 победи во низа и победи на сите три турнири на кои настапи (Австралија опен, Дубаи и Синсинати). За него трофејот од турнирот Синсинати е 80-ти во кариерата. На таа табела води Џими Конорс со 109 пехари, а потоа следуваат Федерер со 103, Иван Лендл со 94, Надал со 85, Ѓоковиќ со 80, Џон Мекинро со 77 итн.

На денешната најнова АТП-листа, пред почетокот на вториот гранслем-турнир годинава, САД опен во Њујорк, Ѓоковиќ ќе биде на првото место, што за него ќе биде 284-та недела на врвот на светскиот тенис, две недели помалку од Пит Сампрас. На врвот на оваа листа е Федерер со 310 недели како тенисер број еден во светот.
Викторија Азаренка од Белорусија победи на ВТА-турнирот Синсинати, откако финалистката Наоми Осака го откажа настапот поради повреда. За Азаренка тоа е втор триумф на тој турнир, а четврти вкупно на серијата „премиер пет“.


НАЈМНОГУ ТРОФЕИ НА МАСТЕРС-ТУРНИРИТЕ
Новак Ѓоковиќ 35
Рафаел Надал 35
Роже Федерер 28
Андре Агаси 17
Енди Мареј 14

ТРИУМФИТЕ НА ЃОКОВИЌ НА МАСТЕРС-ТУРНИРИТЕ
Мајами 6
Париз 5
Индијан Велс 5
Рим 4
Шангај 4
Канада 4
Мадрид 3
Монте Карло 2
Синсинати 2