За најдобрата светска тенисерка ова е 10-та јубилејна титула во кариерата. Во 36-годишната историја на турнирот, Синер е четвртиот што играл во финалето пред 20-от роденден (претходно Агаси, Надал и Ѓоковиќ)
ТЕНИС – МАЈАМИ ОПЕН
Австралијката Ешли Барти го освои тенискиот мастерс-турнир од серијата 1.000 во Мајами, откако нејзината ривалка Канаѓанката Бјанка Андреску, поради повреда на зглобот на ногата, го предаде мечот во вториот сет при резултат 6-3, 4-0.
Со овој триумф, Барти ја одбрани титулата освоена во 2019 година и стана двојна носителка од Мајами. За најдобрата светска тенисерка оваа е 10-та јубилејна титула во кариерата, а втора по големина по освојувањето на Ролан Гарос во 2019 година.
За титулата во финалето на турнирот за мажи во Мајами синоќа играа италијанскиот тинејџер, дебитант на турнирот во Мајами, Јаник Синер (19), 31. на АТП-листата и Полјакот Хуберт Хуркач (37. на АТП). Синер до финалето стигна по победата над искусниот Шпанец Роберт Баутиста Агута, (12. на АТП) со 2-1 во сетови, а Хурчак го победи Русинот Андреј Рублев со 6-3, 6-4 во сетови. Синер е првиот италијански тенисер што играше за титулата на престижниот турнир во Мајами.
Во 36-годишната историја на турнирот во Мајами само тројца тенисери досега успеале да стигнат до финалето пред нивниот 20-ти роденден, а тоа се Андре Агаси (1990), Рафаел Надал (2005) и Новак Ѓоковиќ (2007), додека Синер е втор најмлад финалист меѓу нив, по Надал.
Во својата кариера Италијанецот има две АТП-титули, и тоа од ланскиот турнир во Софија и од загревачкиот турнир за гранслем-турнирот Австралија опен во Мелбурн, годинава.