Во Јапонија професионалната бејзбол-лига се игра без публика, поради пандемијата на коронавирусот, па екипите се досетија празните трибини да ги пополнат на најразлични начини, а тимот на СофтБанк Хокс решението го најде во роботите наречени „Пепер“ облечени во дресови на тимот

БЕЈЗБОЛ – ЈАПОНИЈА

Во Јапонија, професионалната бејзбол-лига одложената сезона, која требаше да почне на 20 март, ја продолжи во јуни, но на навивачите не им е дозволено да ги гледаат натпреварите во живо, барем до 10 јули, поради пандемијата на коронавирусот. Поради тоа екипите се досетија празните трибини да ги пополнат на најразлични начини.
Тимот на СофтБанк Хокс, пак, кој е во сопственост на јапонскиот технолошки гигант „СофтБанк“ решението го најде во роботите наречени „Пепер“ облечени во дресови на тимот. Стадионот на СофтБанк Хокс во Фукуока може да прими над 40.000 навивачи, но засега хуманоидните роботи се единствените на трибините.

На некои стадиони им беше овозможено на навивачите пробно да присуствуваат на натпреварите, со задолжително носење маски и со проверка на телесната температура. На навивачите што не можеа да влезат на стадионите им е дозволено да оставаат пораки до тимот на соодветни табли. Други екипи, како Орикс Бафалос од Осака, експериментираат со пополнување на местата на трибините со хартиени ликови на животни.

Роботите се користат во борбата против коронавирусот во Јапонија, таму каде што има намалување на персоналот и каде што има опасности од нови потенцијални инфекции, во хотелите, каде што се сместени заразените.