Во седмобојот Тиам од Белгија не успеа да ја одбрани титулата, а светскиот рекордер во десетобојот Маер остана без пласман
Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“
Во седмиот ден од Светското првенство (СП) на програмата беа четири финални дисциплини, во кои главно борбата се водеше меѓу оние атлетичари и атлетичарки што се на лидерските места на ранг-листите сезонава. Единствено потфрли светскиот рекордер во десетобој Кевин Маер од Франција, кој киксира во претпоследната дисциплина, скок со стап, и остана без пласман.
Во единствената финална тркачка дисциплина, на 400 метри за жени, се очекуваше голема борба меѓу првопласираните две на годинашнава ранг-листа. Сепак, поголеми шанси, што е нормално, ѝ се даваа на лидерката Шона Милер Уибо од Бахамите, но Салва Ел Насер од Бахреин, која резултатски беше веднаш зад неа, покажа дека фаворитките секогаш не победуваат.
Во една крајно неизвесна трка Ел Насер во завршницата беше побрза и стигна до златниот медал со резултат од 48,14 секунди, што е трето постигнување на сите времиња. И овој податок најубаво зборува со какви квалитети располага Нигеријката, која настапува за Бахреин. Милер-Уибо постигна резултат од 48,37 секунди, што е, пак, четврти резултат на вечната листа. Трета беше Шерика Џексон од Јамајка со 49,47 секунди.
– Ова е голем ден во мојата кариера. Верував во себе, но и потајно стравував. А кога трката почна, веќе не размислував на ништо. Бев максимално концентрирана, добро ги распоредив силите и сѐ течеше во најдобар ред, онака како што посакував – изјави Ел Насер видно возбудена и среќна.
Во фрлање ѓуле кинеската репрезентативка Лијао Гонг ѝ се реваншира на Германката Кристине Шваниц за поразот од неа и тоа пред своите гледачи на СП во Пекинг пред четири години. Таму Гонг беше втора зад Шваниц, што беше разочарувачки пласман и за неа и за публиката. Но тоа како да ја мотивира уште повеќе, па победи пред две години во Лондон, за тука да ја одбрани титулата со скромен резултат од 19,55 метри. Втора беше Даниела Додо од Јамајка со 19,47 м, а трета Кристине Шваниц со 19,17 метри, резултат што беше далеку под нејзините можности.
Во седмобојот Нефисату Тиам од Белгија не успеа да ја одбрани титулата и беше втора, зад Британката Кетрин Џонсон-Томпсон, која собра 6.981 поен и изби на првото место на годинашнава ранг-листа. Тиам имаше 6.677 поени, а трета беше Верена Прајнер од Австрија со 6.560 поени.
– Признавам, овој пат Томпсон беше подобра и ме победи. Јас имав доста проблеми во текот на дводневните натпревари, па дури во еден момент се загрижив да не останам без медал. Но, сепак, сѐ добро се заврши задоволна сум со среброто – изјави Тиам.
Во десетобојот по дводневните борби најуспешен беше Германецот Никлас Каул. Тој ја искористи шансата и дојде до златниот медал, откако светскиот рекордер Маер киксира во скок со стап. Каул собра 8.691 поен, 97 повеќе од второпласираниот Мајцел Уибо од Естонија. Дамјан Ворнер од Канада беше трет со 8.529 поени.