Во неделата, пред почетокот на 15-та етапа, во градот Мијо, на југот на Франција, еден гледач направи гест кон Фрум како да си става инјекција во раката
На годинашниот 105-ти по ред Тур де Франс вчера беше вториот слободен ден, по што останува велосипедистите да извозат уште шест етапи до крајната цел, в недела во Париз, на Елисејските полиња. По 15-те етапи на првите две места за велосипедистите на Скај, Велшанецот Герент Томас и Британецот Крис Фрум (заостанува 1,39 минута), кој атакува на петтиот триумф на Тур. Како што стојат работите, речиси со сигурност може да се каже дека еден од овие двајца велосипедисти, можеби и Холанѓанецот Том Думулан, кој е третопласиран (заостанува 1,50 минута), ќе победи годинава.
Моментниот поредок во генералниот пласман е очекуван и не е никакво изненадување, како што не се изненадување ниту навредите, па и непријателскиот однос кон возачите на Скај, особено кон Фрум, насекаде каде што се возат етапите. Причина за ваквиот однос главно беа обвинувањата за наводното допингување на Фрум на Вуелта (Шпанија) лани и најденото поголемо ниво од дозволеното „салбутамол“, лек за астма во неговата крв. Фрум беше ослободен од обвинувањата пред почетокот на Тур, но тоа предизвика лавина негативни реакции во јавноста, особено во Франција.
Уште од првата етапа, Фрум и тимот на Скај беа исвиркувани насекаде. Во неделата, пред почетокот на 15-та етапа во градот Мијо, на југот на Франција, еден гледач се потпре на оградата и направи гест кон Фрум како да си става инјекција во раката. Претходно, за време на искачувањето на фамозниот Алп д’Уез, на седум километри пред целта, еден несовесен гледач истрча на патот, го плукна Фрум и се обиде да го удри со тупаница.
– Мислам дека организаторите треба да преземат посебни мерки за заштита на возачите, бидејќи при искачувањата има навивачи што нѐ допираат и се мешаат со нас. Бев турнат неколкупати, но, за среќа, останав на велосипедот и не паднав. Апелите за смиреност се во ред, но треба и друго да се преземе – изјави Фрум.
Во 2015-та еден „навивач“ фрли урина врз Фрум и го навредуваше. Во неколку наврати минатите години врз него беше истурана „кока-кола“, имаше обиди да биде удрен, а покрај патот некои му мавтаа и со џиновски гумени инхалатори. Организаторите годинава ги засилија мерките за безбедност во секој поглед, Скај ангажира и личен телохранител за Фрум, но непријатностите и понатаму ги има и се чини дека ќе ги има до крајот на трката.
И лидерот Томас постојано беше исвиркуван, најмногу поради Фрум.
– Ситуација воопшто не е пријатна. За мене ова е врв на мојата кариера и голема чест да возам во жолтата маичка. Но се сведува на тоа да останете ментално цврсти и да продолжите се борите. Повеќе сакам да бидам во оваа маичка, да ја возам најдобрата трка во мојот живот и да бидам исвиркуван и навредуван, отколку да сум 30-ти на некоја ридска етапа и да ми аплаудираат. Затоа сѐ уште уживам во трката – изјави Томас.