Роглич ја задржа жолтата маичка по 14 етапи, со предност од 44 секунди

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Сорен Краг Андерсен оствари изненадувачка победа во 14-та етапа на престижната велосипедска трка Тур де Франс, пред сѐ со своето тактичко возење. На патеката долга 194 км, Данецот нападна на три километри пред целта и на крајот оствари време од четири часа, 28 минути и 10 секунди.
– Се чувствувам многу емотивно. Сонував за ова, но тешко е да се каже дека сте доволно добри додека не го сторите тоа. Навистина сум изненаден, оти никогаш не знаете колку се добри другите момци. Ми требаше долго време на турнејава за да стекнам доверба во себе – рече Андерсен.
Словенецот Лука Мезгец го освои второто место, а трет беше Италијанецот Симоне Консони. И двајцата беа во групата што пристигна 15 секунди зад Андерсен.
Во генералниот пласман, Словенецот Примож Роглич (победник лани на шпанската Вуелта) ја задржа жолтата маичка, сега со предност од 44 секунди, пред неговиот сонародник Тадеј Погачар, а трет е Колумбиецот Еган Бернал со 59 секунди послабо време од носителот на жолтата маичка.
Вчера се возеше 15-та етапа во должина од 174,5 км (со три големи искачувања во должина од 11,1км, 6,9 км и најголемото 17,1 км, што наедно е и цел на трката), а денеска е вториот слободен ден. Вкупно има 21 етапа.