АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Две победи на две слаломски трки во Леви, Финска, за Петра Влхова од Словачка во рамките на Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Влхова, ланската победничка во СК, скијаше без грешка и беше најбрза во четирите возења, победувајќи ја најголемата ривалка, Американката Микаела Шифрин, која беше втора на двете трки и остана на 70-те победи во СК, од кои 45 се во слалом. Рекордни 46 слаломски победи има забележано Швеѓанецот Ингемар Стенмарк, кој е рекордер и според бројот на победи во СК (86).
– Не сум разочарана од ништо. Форсирав, направив грешка и не знам што ќе се случеше без таа грешка. Потоа, форсирав уште повеќе – изјави Шифрин.
Влхова ја забележа 22-та победа во кариерата, 14-та во слалом, петта во Леви. Ниту една скијачка, освен Влхова или Шифрин, не победила на трката во Финска по Словенката Тина Мазе во 2014. За победата Влхова доби ирвас, петти за неа, награда што секоја година ја добива победникот на трката во Леви, кого таа го нарече Борис, по нејзиниот брат, оти тој е секогаш со неа и ја поддржува. По Леви, натпреварите во слалом и во велеслалом за жени викендов ќе се возат во Килингтон, Вермонт, САД.