По девет кола тој освои 6,5 поени, со што го освои осмото место, а својот играчки рејтинг го зголеми за нови 22,2 рејтинг-поени
Мајсторскиот кандидат (МК) од Скопје, Стојанчо Димковски (рејтинг 1.929, рангиран на 26-то место пред почетокот на турнирот), го подели одличното 4-8. место (според дополнителниот критериум е осми), на шаховскиот турнир во Параќин (Србија). Во конкуренција на 91 шахист од Македонија, БиХ, Србија, Унгарија, Грција и од Бугарија, по девет кола Димковски собра 6,5 поени (пет победи, три ремија и еден пораз), играјќи со силина на шахист од 2.030 рејтинг-поени. Тој освои нови 22,2 рејтинг-поени и се приближи до посакуваната граница од 2.000.
– Задоволен сум од прикажаната игра. За мене ова беше успешен настап и драгоцено шаховско искуство. Турнирите во Параќин од година на година се сѐ посилни и попосетени и драго ми е што успевам да одржам континуитет на добра игра во една таква силна конкуренција. Најважно ми е да вежбам шах, да учам од грешките и да прикажам добра игра, а рејтингот е само бројка што е променлива и која не мора да значи дека во даден момент реално ја отсликува јачината на некој шахист – вели Димковски.
На турнирот од македонските шахисти настапија и МК Матеј Звездакоски (1.715, рангиран на 59-то место), кој заврши на 31-то место со пет поени (плус 104,4 рејтинг-поени) и Давид Николовски (1.610, рангиран на 74-то место), кој со 4,5 поени го освои 40-то место (плус 59,2 р.п.). Прв на турнирот е српскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Матија Ивиќ (2.192, рангиран на осмото место), со 7,5 поени, а прворангираниот ФМ од Србија, Драган Диниќ (2.286), го освои 17-то место со 5,5 поени.