Главна цел на сите овие подготовки на македонските олимпијци e остварување на посакуваната цел, а тоа е освојување медал во Токио. Досега норми за настап на Летните олимписки игри годинава обезбедија Магомедгаџи Нуров (борење слободен стил), Дејан Георгиевски (таеквондо) и Борјан Бранковски (стрелаштво), а наскоро на квалификациски турнири треба да настапат уште неколку македонски спортисти
МАКЕДОНСКИТЕ ОЛИМПИЈЦИ ВО ПРЕСРЕТ НА НАЈГОЛЕМИОТ СПОРТСКИ НАСТАН
Иако до почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио остануваат околу 45 дена, македонските спортисти, нивните клубови и федерации веќе имаат испланирано агенда на подготовки за што поподготвени да го дочекаат настапот во Токио. Досега норми за настап на ЛОИ обезбедија Магомедгаџи Нуров (борење слободен стил), Дејан Георгиевски (таеквондо) и Борјан Бранковски (стрелаштво), а наскоро на квалификациски турнири треба да настапат уште неколку македонски спортисти.
– Подготовките на стрелецот Борјан Бранковски главно ќе се одвиваат во Скопје, двапати дневно и ќе траат по три-четири часа, но дел од викенд-подготовките на физички план се планирани на планински места. Ќе има и спаринг контролни натпревари со натпреварувачи од регионалните држави, кои се на ниво на Бранковски, а некои и посилни. Светскиот куп (СК) во јуни во Осиек ќе ни биде и контролен, а очекувањата се главно кревање на најдобриот резултат на Бранковски (570 круга) за неколку круга повеќе, односно до 575, што, пак, ќе ни овозможи пласман во првите 15 на ранг-листата иако нашите желби се пласман меѓу првите осум на ЛОИ, што би претставувало извонреден успех. Не се исклучуваат ни меч-натпревари во Битола, Прилеп, Велес и во Охрид, каде што, исто така, имаме добри стрелишта. Клучно за да се остварат посакуваните прогнози, се добри подготовки, но да се посвети внимание и на психолошкиот дел, кој е најбитен во стрелаштвото, односно одржување на концентрацијата и адреналинот во текот на целиот натпревар. А на тој дел работиме со д-р Жарко Костиќ. Тренираме во нашата стрелана во подрумските простории во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, која има 10 стрелни места – вели тренерот на Бранковски, Јордан Тасевски.
Таеквондистот Дејан Георгиевски веќе е на подготовки во Крушево.
– Георгиевски заедно со уште петмина таеквондисти моментно се подготвува во Крушево, каде што пристигнавме на 30 мај, a си заминуваме денеска. Во Крушево, главно беа одржани базично-висински подготовки, со цел потврдување и благо кревање на веќе одличната постојна форма од последниот квалификациски турнир во Софија. Од Крушево се враќаме во Скопје, каде што ќе продолжиме со тренинзите, а потоа заминуваме во Словенија, каде што ќе останеме шест дена. Таму ќе имаме спаринг-дуели со Словенецот Иван Трајковиќ, кој, исто така, има обезбедено олимписка норма. Подготовки ќе има и во Охрид, 12 дена, но со цела таеквондо-репрезентација, каде што ќе работиме на тактички план и техничко дотерување на борбите. Исто така, ќе посветиме внимание и на психичката стабилност, која е мошне значајна, а ќе ја вршам јас како доктор, оти овие ЛОИ ќе бидат поспецифични од досегашните, односно ќе бидат со ограничено движење, ќе има карантин, а сето тоа секако ќе влијае на спортистите. Важно е да ја задржиме свежината кај Георгиевски оти имаше напорна година и покрај здравствената ситуација во светот. Очекувам медал од него иако многу работи ќе зависат од денот на натпреварот, мотивацијата, желбата и слично, а конкуренцијата е исклучително силна – вели селекторот на македонската таеквондо-репрезентација, Борче Костовски.
И борачот Магомедгаџи Нуров има поставено план на подготовки пред ЛОИ.
– Нуров во почетокот на јуни ќе настапи во Полска на вториот од вкупно петте турнири од т.н. серијата на турнири на Светската боречка федерација. Потоа се враќа дома во Дагестан, а по извесно време ќе замине во руската република Осетија каде што ќе се подготвува заедно со руската боречка репрезентација. На 1 јули, заедно со мене ќе замине на базични подготовки во Белмекен, Бугарија, каде што ќе останеме 21 ден. Потоа се враќаме во Скопје, каде што заедно со преостанатите македонски олимпијци е предвидено да заминеме за Токио. Нуров е мошне искусен борач, па верувам дека ако има добра ждрепка, особено во 1-то коло, а има 16 борачи во секоја категорија, тој има големи изгледи да освои медал. Боречките натпреварите во Токио треба да почнат на 1 август – ни изјави селекторот на боречката репрезентација на Македонија во слободен стил, Лулзим Вранези.