Од 1912 до 1948 година на летните олимписки игри се одржуваа натпревари и во уметност (архитектура, литература, музика, сликарство и скулпторство), а Винанс и Хајос се единствените што имаат олимписки медали од таа категорија и во спортска дисциплина
Во олимписката историја досега се поделени илјадници медали, а 146 од нив се за натпреварите во уметност што беа дел од летните олимписки игри од 1912 до 1948 година. Првото вклучување на оваа категорија на летни олимписки игри било планирано за 1908 година, но било одложено поради преместувањето на домаќинството на Игрите од Рим во Лондон.
За време на првите три олимписки игри, натпреварите во уметност биле групирани во пет категории, и тоа архитектура, литература, музика, сликарство и скулпторство. Организаторите на Летните олимписки игри во 1928 година во Амстердам воведоа и поткатегории во обид да го зголемат учеството (во архитектурата – дизајн, градско планирање…, во литературата – драма, лирика, во музиката – композиции за оркестар, соло и за хор, во сликарството – сликање со водени бои, цртежи, гравури, графики итн.).
Жан Џекоби од Луксембург е единствениот со два златни олимписки медали, освоени во сликарство на Летните олимписки игри во 1924-та во Париз и во 1928-та во Амстердам. Алекс Дигелман, пак, се издвојува со освоени сите три медали, злато (ЛОИ 1936 во Берлин), сребро и бронза (ЛОИ 1948 во Лондон), во категоријата сликарство. По земји, најуспешна е Германија, со 24 медали, од тоа осум злата, седум сребра и девет бронзи.
Валтер Винанс (1852-1920) од САД и Алфред Хајос (1878-1955) од Унгарија се единствените што освоиле медал во натпреварите во уметност и во спортска дисциплина на летни олимписки игри.
Така, Винанс, кој бил и сликар и писател, има златен медал во стрелаштво на Летните олимписки игри во 1908 година во Лондон и злато за скулпторство на Игрите во 1912-та во Стокхолм.
Хајос, пак, бил архитект и пливач. Златните медали тој ги освоил во пливање на првите Летни олимписки игри во Атина во 1896 година во трките на 100 и на 1.200 метри слободно, а потоа во 1924 година на Летните олимписки игри во Париз освои и сребрен медал во архитектура (таа година на Игрите не бил доделен златен медал во архитектура). Хајос се занимавал и со други спортови, па бил атлетски првак и член на фудбалската репрезентација.
Од овие натпревари во уметност засега доаѓа и најстариот олимписки медалист, а тоа е Џон Коплеј од Велика Британија, кој на возраст од 73 години освоил сребрен медал во сликарство на Летните олимписки игри во 1948 година во Лондон. Од интересните податоци е и тој дека основачот на модерните олимписки игри, Французинот Пјер де Кубертен освоил златен медал за литература на Летните олимписки игри во 1912 година во Стокхолм, учествувајќи на натпреварот под псевдоним.