TЕНИС

Јапонката Наоми Осака нема да игра на претстојниот тениски гранслем-турнир Вимблдон, но планира да биде подготвена за учество на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Четирикратната гранслем-шампионка Осака претходно по едно одиграно коло се повлече од Отвореното првенство на Франција, па периодот што следува ќе го искористи да помине повеќе време со пријателите и семејството за да ги „наполни батериите“ за учество на Игрите во Токио.
– Возбудена сум што ќе играм пред домашните навивачи во Токио – изјави светскиот рекет број два.

Претходно по консултација со својот тим тренери, својот настап на Вимблдон и на ЛОИ во Токио ги откажа и најдобриот шпански тенисер Рафаел Надал, кој вели дека прекраток бил периодот за заздравување и за подготовка од настапот на Ролан Гарос до почетокот на Вимблдон.
– Мојата цел е да ја продолжам кариерата и да се натпреварувам на највисоко ниво за лични и професионални цели – напиша Надал на Твитер.
Поради повреда на зглобот, Вимблдон ќе го пропушти и Белгиецот Давид Гофин, а Австриецот Доминик Тием го откажа настапот на ЛОИ за да се фокусира на Вимблдон и на одбрана на титулата на САД опен.