Трикратниот шампион на „Ролан Гарос“ Матс Виландер смета дека Хуан Мартин дел Потро е потежок ривал за Рафаел Надал, во споредба со Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, бидејќи тој има поголема самодоверба.
Во полуфиналето на Гренд слем турнирот во Париз, Надал и Дел Потро ќе се состанат денеска од 15:30 часот. Шпанецот е во потера на рекордната 11-та титула од Отвореното првенство на Франција во тенис, додека Аргентинецот меѓу најдобрите четири се најде за првпат по девет години.
Во нивните состаноци, Надал води со 9:5, а последниот натпревар двајцата го одиграа во полуфиналето на Ју Ес Опен минатата година, кога Шпанецот славеше во четири сета.
– Делпо е кошмар за Надал. Аргентинецот претставува некој кој верува во себе, колку и Федерер, но повеќе од Ѓоковиќ и Мареј. Некогаш знае да се налути, но ја има онаа смиреност, која ги плаши врвните играчи, кои ги принудува да мислат дека се прочитани. Не се плаши, тоа е најважното нешто – вели Виландер.