По дождливо време тој победи во првата етапа за време на која имаше повеќе падови. Тоа за него е вкупно четврта етапна победа на Тур де Франс и е само втор Норвежанец кому му успеало да ја облече жолтата маичка
ПОЧНА ВЕЛОСИПЕДСКАТА ТРКА ТУР ДE ФРАНС
Норвежанецот Алекандер Кристоф својот спринт во финишот на првата етапа го темпираше до совршенство, за да победи во воведната трка на 107-то издание на најголемата меѓународната велосипедска трка Тур де Франс, која годинава почна од Ница. На етапата долга 156 км втор низ целта помина Данецот Мадц Педерсен, трет беше Холанѓанецот Сес Бол, четврти Ирецот Сем Бенет, петти Словакот Петер Саган итн., сите со исто време како победникот.
Претходната етапна победа на Кристоф на оваа трка беше последната во 2018 година, на Елисејските Полиња во Париз. Кристоф, кому ова му е вкупно четврта етапна победа на Тур де Франс, е само втор Норвежанец кому му успеало да ја облече жолтата маичка (ја носи оној што е во вкупно водство во трката), по Тор Хусховд, кој беше водечки во 2004, 2006 и во 2011 година.
– Отсекогаш сонував да ја носам жолтата маичка. Сонот сега се оствари. Не можев да очекувам подобар почеток и дека ќе победам во спринтот, но чувствував како се приближував кон линијата. Ова многу ми значи, имам 33 години, но уште можам да настапувам со најдобрите – рече Кристоф.
Дождот беше причина за неколку падови во текот на трката, а Павел Сиваков падна двапати. Бранителот на титулата од лани, Колумбиецот Еган Бернал, во голема мера успеа да ги избегне незгодите и да заврши сигурно во водечката група. Неговиот сонародник Наиро Кинтана падна, како и Французинот Жилијан Алафилип, а неговиот сонародник Тибо Пино и еден од фаворитите во трката, падна пред целната линија. Но бидејќи тоа се случи во последните три километри, припишано му е исто време како и групата со која возеше, па така не изгуби време во однос на ривалите.
Вчера на програмата беше втората етапа (од вкупно 21) долга 186 км, која беше планинска, со две искачување над 1.500 м. Годинава, поради пандемијата на коронавирусот, трката ќе биде поинаква од досега, со безбедносни меури и тампон-зони, со мобилни лаборатории за тестирање и со минимална интеракција со медиумите. Прес-конференциите ќе бидат преку Зум, а на новинарите им е забранет пристапот до тимските автобуси и хотели. Ќе нема карвани со возила по патиштата. Она што нема да изостане е редовното тестирање на ковид-19. Тимот што ќе има два или повеќе натпреварувачи позитивни на коронавирусот, ќе биде повлечен од трката.