Актуелната светска шампионка во шах, Кинезинката Ју Венјун (2.584 рејтинг-поени, рангирана на второто место во светот) и руската предизвикувачка Александра Горјачкина (2.578, рангирана на четвртото место), ќе играат т.н. тајбрејк во мечот за светската титула. Во регуларните 12 партии резултатот е нерешен 6-6.
Горјачкина ја доби 12-та партија во 60-от потег (со отворање игра на даминиот пешак) со што се избори за продолжување на мечот, во кој првите шест партии се одиграа во Шангај (Кина), а вторите шест во Владивосток (Русија). Венјун (28) ги доби 4-та, 9-та и 10-та партија, а Горјачкина (21) 5-та, 8-та и 12-та. Мечот е мошне борбен, се одиграа вкупно 777 потези (64,7 во просек по партија), а најдолга беше шестата, која заврши со реми во 105-от потег.
Тајбрејкот почнува денеска, а прво се предвидени да се играат четири партии со временско темпо од 25 минути плус 10 секунди по секој одигран потег. Ако нема победник ќе се играат две партии со забрзано темпо со по пет минути, плус три секунди по секој потег. Ако пак биде нерешено, ова брзо темпо на игра може најмногу да се повтори во уште четири дуели од по две партии. Ако и тогаш нема победничка, ќе се игра една партија, во која белиот ќе има пет, а црниот четири минути за размислување, со тоа што по 60-от потег и двете шахистки ќе добиваат бонус од по две секунди за секој одигран потег. Изборот на фигурите ќе биде одреден со ждрепка, односно шахистката што ќе ја добие таа можност, ќе може да избира со кои фигури ќе ја игра таа партија. Во случај на реми, шахистката со црни фигури во таа партија станува светска првенка.