Вели Мумин (прв од лево)

Мумин беше нашиот најуспешен боксер во последните години од минатиот и првите години од овој век, со две бронзи од ЕП. Тој беше трикратен балкански првак, а исто толку пати го освојуваше и „Златниот гонг“. Учесник е на пет ЕП и на три СП

Името на Вели Мумин сигурно има почесно место во аналите на македонскиот бокс. Тој уште од млади години почна да се занимава со „благородната вештина“ и веднаш стана јасно дека во него се крие голем потенцијал. Тој уште на првите натпревари во конкуренција на пионери и младинци, кога настапуваше во воведните борби пред сениорските мечеви, беше доминантен меѓу своите врсници. Набргу почна да ги освојува и титулите во младинска конкуренција, а што е интересно уште како младинец стана и сениорски првак. Кога ќе се соберат сите негови триумфи во поединечна конкуренција излегува дека во периодот од 1994 до 2013 година, колку што траеше неговата кариера, има освоено над 20 титули на шампионатите на Македонија и на Бугарија, зашто и во оваа земја неколку години ги бранеше боите на Пловдив.
Во богатата кариера, Мумин имаше успешни настапи на меѓународниот ринг на кој двапати беше третопласиран и двапати петти на европските првенства. Покрај двете европски бронзи, тој имаше и едно петто место на Светското првенство во Бангкок во 2003 година. Инаку, Мумин настапи на вкупно пет европски и на три светски првенства, што, исто така, претставува своевиден рекорд.
Интересно е да се спомене дека најдобриот македонски боксер во првата декада од овој век трипати го освојуваше и „Златниот гонг“, во 2003, 2004 и во 2006 година, па, така, заедно со „тешкашот“ Примислав Димовски, кој четири пати победуваше на Гонгот, е меѓу најуспешните на оваа традиционална приредба во Македонија.

ОД МАЛИ НОЗЕ НА РИНГОТ

Сакајќи да се истакне меѓу своите другарчиња и да постигне нешто во животот, Мумин го одбра боксот. Тука, како и многу негови врсници, ја бараше својата шанса за афирмација. Тој знаеше дека преку спортот може да стане популарен, а исто така, на некој начин, да ја обезбеди и својата егзистенција.
– Уште кога дојде во салата на БК Скопје забележав дека во него се крие нешто што не беше карактеристично за другите деца од негова возраст. Вели некако со голема леснотија ги изведуваше ударите, а кога беше напаѓан од противникот брзо ескивираше и едноставно беше недопирлив. Тоа ми даде надеж дека може да се развие во добар и квалитетен боксер, па затоа уште од првите тренинзи почнав да му обрнувам посебно внимание – вели неговиот долгогодишен тренер Руждија Калач, кој своевремено бил познат боксер и шампион.
Калач имаше право. Мумин со брзи чекори уште од мали нозе одеше кон боксерскиот врв и набргу ѝ стана миленик на публиката. Боксуваше во најлесната категорија, хартија, до 48 килограми, во која лесно ги совладуваше своите противници. Во оваа категорија ударите не се многу силни, но тоа не значи дека не може да бидат и непријатни. Иако станува збор за најлесната категорија, сепак, и тука некој залутан удар можеше да го зашемети противникот и тој да се најде во нокдаун.
– Затоа, не му дозволував во својот младешки жар многу да се сили и да размавнува. Го советував да биде внимателен, да чека шанса, а особено поради тоа што беше еден од најниските боксери во својата категорија, да не влегува во непотребни авантури со навидум, поради својата височина, посилни противници. Она што беше хендикеп за Мумин поради нискиот раст, тој успеваше да го компензира со брзината и со ненадејниот влез во гардот на противникот. Исто така, бидејќи беше понизок од ривалите, тој дејствуваше како бомба, која во секој момент е подготвена да експлодира. Брзината на изведувањето на ударите и силата акумулирана во нив, беа предности што ги немаа повисоките и потенки боксери во неговата категорија. Но мора да се каже дека Мумин беше и голем борец. Ако примеше удар, тој за разлика од некои други боксери не потклекнуваше, туку напротив разлутен ја продолжуваше борбата со уште поголема жестина – вели Калач.

ПРОБИВ ВО СЕНИОРСКАТА ЕЛИТА

Откако ги помина оние пионерски и младински денови и кога стигна меѓу сениорите, Вели Мумин веќе беше изграден боксер. Тој мајсторски знаеше да ја води борбата, во која не се изложуваше на непотребни опасности, а кога ќе му се укажеше шанса како молња одеше во напад и го разоружуваше ривалот. Од неговите брзи налети ретко кој боксер, барем што се однесуваше на рингот во Македонија, можеше да побегне. Тој стана доминантен во својата категорија и почна сѐ почесто да се појавува на меѓународниот ринг. Во 1997 година ја освои титулата балкански првак. Потоа, Мумин уште двапати победуваше на балканските шампионати, а во почетокот од овој век беше прва ѕвезда на традиционалниот „Златен гонг“.
– По освоените балкански титули, кога веќе имав 20 години, дојде време да се докажувам, не само на балканијадите туку и на најголемите боксерски приредби. Моја цел во тие години, откако созреав како боксер и откако го добив потребното искуство, беше да учествувам на некое европско и светско првенство – вели Мумин.
Желбата му се оствари во 2000 година, кога настапи на првото, за него, европско првенство во Тампере. Тука виде како изгледа еден таков настап со елитата, па на следните два шампионата во Перм (Русија) и во Пула (Хрватска) стигна до петтите места.
– Тоа беше голем успех за македонскиот бокс. Овие две петти места ни дадоа голема надеж оти Мумин на следните вакви собири можеше да дојде и до медал – се сеќава на тоа време боксерската легенда Живко Дуковски, кој целиот свој живот го посвети на боксот и на БК Скопје, чиј член беше и Мумин.
Навистина, тоа се случи и во 2006 година на ЕП во Пловдив, Мумин во категоријата до 48 килограми се закити со бронзен медал. Ова беше практично четврти медал за Македонија од ЕП, по оној златниот од 1977 година на Аце Русевски и двата бронзени на Азис Салиху во 80-тите години од минатиот век.
Во Пловдив Мумин успешно го помина првото коло, а во второто го совлада Германецот Беблик. Во четврт-финалето беше совладан, и тоа со технички нокаут (трета рунда), Шпанецот Дела Ниеве. Во полуфиналната борба со Италијанецот Алваро Пинто, нашиот боксер беше рамноправен партнер, но во завршницата му дозволи на Пинто да ја преземе иницијативата и да победи на поени. Инаку, тоа беше жестока борба за што најубаво зборува и резултатот (тогаш се бодуваше секој удар) 47-39.
И две години подоцна, Вели Мумин дојде до бронзен медал. Овој пат на рингот во Ливерпул, во категоријата до 51 килограм. Нашиот репрезентативец во полуфиналето беше победен од Украинецот Чугаев, кој потоа ја освои титулата европски првак.
– Вели Мумин по освоените медали на ЕП веќе стана познато име во светот на боксот. Но условите во кои работевме не беа најадекватни за еден боксер со такви квалитети, па затоа неколку години Мумин престојуваше во Бугарија и настапуваше за Пловдив. Таму, со оглед на тоа што боксот во оваа земја беше многу популарен и имаше дури олимписки и светски прваци, Мумин имаше идеални услови за работа. Всушност тренирајќи со најдобрите бугарски боксери тој ја крена својата форма, а неколку пати победуваше и на поединечните првенства на Бугарија – вели Дуковски.
Сепак, љубителите на боксот во Македонија најмногу ќе го паметат по настапите на домашниот ринг, особено на оние незаборавни мечеви на меѓународниот турнир „Златен гонг“. Не само што трипати го освои трофејот туку и во годините кога други го освојуваа Гонгот, борбите на Вели Мумин секогаш предизвикуваа големо интересирање. Едноставно, тој беше боксер, кој знаеше да ја загрее и одушеви публиката. Нема сомнение дека со сето она што го демонстрираше на рингот, а и со освоените медали на ЕП и многуте победи, Мумин заслужува да се најде меѓу нашите спортски легенди, кој има посебно место во македонската боксерска историја.


Вели Мумин

Роден: 1980 година во Скопје
Кариера: БК Скопје, Пловдив, репрезентација на Македонија
Успеси: Два бронзени медала од европските првенства, во Пловдив (2006 година) и во Ливерпул (2008 година), две петти места на ЕП во Перм (2002-та) и Пула (2004-та), едно петто место на Светското првенство во Бангкок (2003 година), учесник на уште две СП во Кина и во Казахстан, трипати освојувач на „Златниот гонг“, повеќе од 20 титули на државните првенства (младинци и сениори), повеќе од 200 победи на домашниот и на меѓународниот ринг