По четири кола, водат Непомнијашчи,
Вашер-Лаграв и Ванг, со по 2,5 поени
Францускиот велемајстор (ВМ) Максим Вашер-Лаграв испушти голема можност, по слободниот ден, да го победи Русинот Александар Гришчук и со тоа да загосподари на врвот на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах, кој се игра во Екатеринбург (Русија), во 14 кола.
Во тактичка игра со отворање, Руи Лопез (берлинска варијанта), временскиот недостаток за размислување на Гришчук беше уште полош отколку во претходните кола. Тој имаше само 2,5 минути за да одигра 14 потези и да стигне до првата временска контрола. Во оваа фаза тој размислувал 53 минути за својот 18-ти потег. Во 53-от потег беше потпишано примирје, откако на таблата останаа само двата крала.
И во преостанатите три партии немаше победник, но беше видена борбена игра. Динг Лирен ремизира со Аниш Гири (42. потег), во позиција со по еден топ, истобоен ловец и по четири пешаци. Фабијано Каруана го подели поенот со Јан Непомнијашчи (55), иако малку беше изненаден во отворањето, но потоа го диктираше темпото на игра. И Хао Ванг ремизира (41), со Кирил Алесенко, иако имаше еден топ и три пешаци против еден ловец и пет пешаци, но, сепак, не доволно за цел поен.
Табела по четири кола: Непомнијашчи (2.774 рејтинг-поени), Вашер-Лаграв (2.767) и Ванг (2.762) по 2,5 поени, Каруана (2.842) и Гришчук (2.777) по два, Лирен (2.802), Алексенко (2.698) и Гири (2.763) по 1,5 поен.