На ЛОИ 2016, Ван Никерк делницата од 400 метри ја истрча за 43,03 секунди, надминувајќи го дотогашниот рекорд на Американецот Мајкл Џонсон, „стар“ 17 години (43,18 секунди), поставен на СП 1999 во Севилја
АТЛЕТИКА
Олимпискиот шампион во атлетика, Јужноафриканецот Вејд ван Никерк сака да постави „недопирлив“ светски рекорд на 400 метри, како еден вид негово наследство. На Летните олимписки игри (ЛОИ) во Рио во 2016 година, Ван Никерк делницата од 400 метри ја истрча за 43,03 секунди, надминувајќи го дотогашниот рекорд на Американецот Мајкл Џонсон, стар 17 години (43,18 секунди), поставен на Светското првенство (СП) во 1999 година во Севилја. Во 2017 година, на СП во Лондон, Никерк ја одбрани титулата од Пекинг 2015-та. Потоа во следните три сезони имаше проблеми со повредата на коленото, но сега вели дека е подготвен и оти сака да трча побрзо од 43 секунди.
– Имам голема желба да го сторам тоа. Поминав низ период со доста страдања, па веројатно и оттаму сѐ повеќе се зголемува желбата за таквo нешто – изјави Никерк (28) во интервјуто со Мајкл Џонсон во рамките на серијалот „Олимписки тајни“ на Би-би-си.
Никерк призна и дека пред триумфот и рекордната трка во Рио, бил на работ на солзи затоа што се плашел дека неговото тело нема да ги издржи напорите и оти ќе се распадне. Тој истакнува и оти славниот спринтер од Јамајка, Усеин Болт, му предвидел дека ќе го собори светскиот рекорд. Во октомври 2017 година, неколку недели по одбраната на титулата во Лондон, Ван Никерк ги повреди лигаментите на коленото во ревијален рагби-натпревар во неговата татковина, Јужна Африка. Ван Никерк вели дека тоа е „најлошото нешто што требало да го прифати“ по четири успешни години на патеката.
– Знаев како се игра рагби, но немав допрено топка осум години. Моето тело беше истренирано да трча право, не во цик-цак. Тоа беше последното нешто за кое размислував, но подоцна кога седев и кога мирував сфатив дека очигледно тоа било глупава одлука. Првите две недели беа многу тешки. Морав да се соземам, не можев да живеам во тој мрачен простор. Морав да почнам од нула – вели тој.
Откако ги пропушти сезоната 2018 и поголемиот дел од следната 2019-та, Ван Никерк мораше да мирува и годинава поради пандемијата на коронавирусот. Сега вели дека е подготвен за трките за да стане првиот човек што ќе трча побрзо од 43 секунди на 400 метри.
– Дефинитивно за мене тоа е приоритет, зошто би бил уште тука ако не се подобрувам и не барам предизвици. Сметам дека можам да го подобрам моето време во опсегот од 42 секунди. Таку каде што ми е умот, таму ми е и срцето. Џонсон постави нови стандарди со рекордот пред 17 години, сега сакам и јас да направа нешто слично, па и повеќе од тоа. Тоа е натпреварувачот во мене и да се согласам со нешто помалку би било неправедно за мене самиот и за тимот што работи со мене – вели Ван Никерк.