Вториот пилот на Мерцедес, Валтери Ботас призна дека минатата сезона била најслабата во неговата кариера во Формула 1.
Според Финецот, претставувањето му било уште полошо од она во неговата деби година, кога за тимот на Вилијамс успеа да влезе во зоната на поени само еднаш за целата 2013 година.
Оваа година Валтери ја започна ветувачки сезоната со три победи во Бахреин, Кина и Азербејџан, но потоа доживеа пад во перформансите. Клупскиот колега Луис Хамилтон, пак, не беше убедлив во почетокот, но по средината на шампионатот го смени од лидерската позиција својот главен конкурент за титулата, Себастијан Фетел од Ферари и од тој момент до финалето Валтери мораше да прави сé што може, за да му помага на Британецот и да ги попречува максимум пилотите на „Скудерија“.
Кулминацијата дојде во Русија, кога Ботас мораше да ја отстапи веќе извојуваната победа на Хамилтон.
– Признавам дека оваа година работите за мене не беа добри, како што очекував. Сезоната 2018 стана најслабата и најфрустрирачката во мојата кариера досега. Почетокот беше ветувачки и освоив три победи. Сé потоа тргна надолу и требаше да бидам „втора виолина“, помагајќи на тимот и Хамилтон. Тоа е нормално кога клубскиот колега се бори со друг пилот директно за титулата. Треба да го прифатиш тоа и да стиснеш заби. Дури во 2013 година не бев толку разочаран, бидејќи едноставно немав никакви шанси со тимот на Вилијамс – изјави разочараниот Финец, цитиран од „Аутоспорт“.