Првиот ваков машки турнир под покровителство на ЕКУ е одржан во Солинген во 1975 година, а од 1996 година им се приклучуваат и клубовите во женска конкуренција
ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
Европскиот клупски куп (ЕКК) е шаховско првенство што се одржува еднаш годишно, а на кое учествуваат најдобрите шаховски клубови во Европа. ЕКК го организира Европската шаховска унија (ЕКУ) по швајцарски систем во седум кола, но може и по Бергеров систем ако има помалку екипи, посебно тоа се однесува во женска конкуренција. Иако има потекло од поранешна СФРЈ, каде што шахот бил многу популарен (ваков турнир во машка конкуренција се одржал во Белград 1956, а победил Партизан), првиот ЕКК организиран од ЕКУ бил во Солинген, Германија, во 1976 година каде што славеле Солинген и Буревесник од тогашниот СССР. Денес, ЕКК се одржува во двете конкуренции, бидејќи од 1996 година активно се вклучуваат и шахистките.
Најтрофеен клуб е Босна со четири освоени титули (1994, 1999, 2000, 2002), а најмногубројни се традиционално клубовите од Русија. Три титули има освоено ЦСКА Москва (СССР), а по две Солинген, Париз, Лион (Франција) Томск (Русија), Економист Саратов (Русија). Една титула има и македонскиот претставник Алкалоид, кој стана шампион во 2016 година во Нови Сад.
Во женска конкуренција досега се одржале 25 вакви натпреварувања, а најуспешна екипа е Монте Карло со дури седум титули, следува Нона од Грузија со четири, па Агроуниверзал од Србија со три титули итн. Гамбит Асеко СЕЕ на ЕКК во Скопје во 2015 година го постигна најголемиот клупски успех во женска конкуренција, освојувајќи го второто место. Кои ќе бидат новите шампиони во двете конкуренции ќе биде познато по 7. коло на ЕКК, кој е во тек во Струга.
А таму на две кола до крајот, кај мажите во водство се руски Медни Всадник, чешки Нови Бор и шпанска Валенсија со по девет бода, Алкалоид е четврти со осум бода, Прилеп 11-ти, Гамбит Асеко СЕЕ 15-ти и двете екипи со по шест бода, додека Гостивар е 26-ти со четири екипни бода. Кај шахистките, пак, по 5-то коло води Јужен Урал од Русија со максимални 10 бода, пред украински ГРЕКО со девет, Монте Карло има седум, австриски Баден шест, Алкалоид и Куманово по три, словенечки Тајфун два, а МШК Центар е последен без освоен екипен бод.