На интернет-страницата на НФЛ-тимот Хјустон тексанс има фотогалерија од финалистките од тестирањето за т.н. „чирлидерки“, со што посетителите на страницата се охрабруваат да гласаат за нивните фаворити. На сликите се прикажани лицата на девојките, па извесно е дека според нив не може да се стекне увид во нивните атлетски способности, ниту пак, се наведени нивните квалификации. Токму ваквата практика на тимовите се наведува како една од причините за незадоволството на мажоретките во професионалните американски спортови, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.
Професионалните танчарки покренаа тужби против два клуба во НФЛ-лигата во американски фудбал, поради наводна полова дискриминација, во изминатиот месец, наведувајќи ги понижувањата на кои биле изложени во текот на нивната работа. Тие имааат рестрикции за содржината што ја објавуваат на социјалните мрежи, правила за облекување, за контактот со професионалните спортисти, како и стриктни прописи за физичкиот изглед и за личната хигиена. Овие девојки со години наназад водат борба и за зголемување на нивните приходи, за заштита на работното место и за зголемување на личните слободи.
Американските медиуми наведуваат дека самата идеја за мажоретките, кои се составен дел од американскиот професионален спорт од 1959 година, е деградирачка, поради начинот на кои јавноста ги доживува кога се појавуваат на спортските терени, во нивните оскудни униформи. Затоа, во САД постои мислење оти треба да се укине присуството на „чирлидерките“ во тимските спортови, во НФЛ-лигата, како и во кошаркарската НБА-лига и во НХЛ-лигата во хокеј на мраз.
Одреден број на НФЛ-клубови веќе немаат професионални танчарки на нивните мечеви, како што е случајот со Бафало билс, Чикаго берс, Кливленд браунс, Питсбург стилерс, Њујорк џајантс и со Грин Беј пакерс.
Од друга страна, постојат мислења и дека професионалните спортови не би биле исти без убавите девојки покрај теренот, како и дека на овој начин им се дава можност на професионалните танчарки да имаат ангажман што го сакаат.
– Ако ги тргнете „чирлидерките“, тоа е како да тргнете парче од сложувалката која му дава живот на американскиот фудбал – вели Кристан Ен Вер, поранешна мажоретка на НФЛ-тимот Мајами долфинс, која и самата поднесе тужба за дискриминација.
Останува да се види каква ќе биде реакцијата на раководството на НФЛ-лигата и на клубовите, и како сегашната ситуација ќе влијае врз иднината на професионалните мажоретки.