Македонските сениорски репрезентативци во бокс Јасин Љама и Гоце Јанески, во саботата, преку Софија, се вратија во Македонија, откако 19 дена беа во Лондон, каде што учествуваа на квалификацискиот турнир за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Турнирот поради ситуацијата со пандемијата на коронавирусот само по два дена беше прекинат од организаторите.
– Јанески и Љама останаа во Лондон поради затворањето на аеродромот во Скопје. Боксерската федерација на Македонија (БФМ) двапати се обиде да ги врати во Скопје, но, за жал, неуспешно. И, конечно, третиот пат успеа летот Лондон – Софија, благодарение на македонската амбасада во Лондон во комуникација со бугарската амбасада во Лондон. Од Софија до Скопје, македонските боксери стигнаа со такси и веднаш се сместени во задолжителен карантин, каде што ќе престојуваат следните 14 дена. Во меѓувреме македонскиот селектор, Кубанецот Хесус Сојет, немаше проблем и со директен лет си замина од Лондон за Хавана – ни изјави секретарот на БФМ, Бранко Илиевски.
Истовремено, БФМ изразува голема благодарност до сите вработени во амбасадите на Македонија во Лондон и во Софија, како и до организаторите на турнирот во Лондон, кои максимално се ангажираа Љама и Јанески да ги имаат неопходните услови за престој во Англија.