Да се фрлиш во водите во каналот е како да тргнеш на долг пат во неизвесност. Маратонецот никогаш не знае кога ќе се сменат струите и дали ќе успее во решавачкиот момент да ја помине линијата помеѓу плимата и осеката. Промената на водните струи е најголем проблем за маратонецот, но и за капетанот на бротчето

Минатата недела ја опишав кариерата на нашиот пливачки маратонец Игор Димовски, кој беше четвртиот Македонец што успеа да го преплива каналот Ла Манш, што го разделува англискиот од францускиот брег. Благодарејќи на помошта од општината Карпош, која го финансираше целокупниот проект, и тогашниот градоначалник Стевче Јакимовски, малата екипа што требаше да го следи Димовски за време на пливањето, во која како новинар бев и јас, тргна преку Лондон за Довер, местото од кое најчесто стартуваат маратонците во насока кон Кале, најблискиот град на францускиот брег.
Колку што е каналот предизвик за маратонците, толку е и за новинарите. Ако не си го почувствувал Ла Манш и тоа во онаа вистинска димензија, да пловиш по неговите води и да ја следиш битката на пливачот, тоа остава голема празнина во кариерата на еден сестран спортски новинар. Јас, пак, благодарејќи на четвртиот македонски маратонец што го преплива Ла Манш, Игор Димовски (во 2010 година), имав можност да се запишам во книгата на оние спортски новинари што имале можност директно да се јавуваат и да информираат за доживувањата, кризите и сѐ она што е составен дел на пливачката авантура.

МОРНИЧАВО УТРО И ПОЧЕТОК НА МАКИТЕ

Околу два часот во тоа морничаво августовско утро, во кое се слушаше само тресокот од брановите што завршуваа во пристаништето, се упативме кон бротчето во кое нѐ очекуваше капетанот Мајкл Оран, со својата сопруга. По еден час стигна и судијката, која требаше да се грижи за регуларноста на пливањето. Инаку, според нејзините зборови, таа следела стотина маратонци што се обиделе, некои успеале, а други не успеале, да го препливаат каналот. Со еден збор, стануваше збор за судијка со големо искуство.
Почетокот на пливачката авантура е секогаш кај Белите Карпи, на приближно еден до два километра од пристаништето. Додека бевме внатре, во пристанишните води опкружени со високите докови, не ги чувствувавме брановите. Но кога излеговме на отворено се подуплашивме. Од силните удари бротчето како да загуби компас и без контрола беше носено од брановите. Во еден момент кога од ударите на брановите се отвори и вратата од фрижидерот и излетаа сите пијалаци на подот, Игор дојде кај мене и ме праша: „Зоки, зарем и кога пливаше Томи минатата година било вака“. Му одговорив, сигурно, зашто каналот не може да биде поинаков. Токму во брановите и честите менувања на водните струи е неговата сила.
Откако екипата, предводена од д-р Емил Угриновски, Патрик Поповски и од сопругата на Игор, премачкувајќи го со китова маст го подготви Игор, тој се фрли во водата. Во темното и морничаво утро требаше да доплива до брегот (околу стотина метри), а потоа по знакот на бродската сирена да го почне пливањето. Само батеријата прицврстена на неговата капа означуваше каде се наоѓа Димовски, друго ништо не се гледаше. Пливањето почна, а со тоа почнаа и неизвесностите.
Како што се оддалечувавме од брегот брановите стануваа поразвлечени, па така можеше да плива со помал напор. Темпото во почетокот беше брзо. Доколку продолжи вака, велеше капетанот Оран, тој ќе може да го улови приливот, што ќе му помогне полесно да доплива до францускиот брег. Капетанот и судијката беа пријатно изненадени од тоа како се однесуваше Димовски и охрабрувачки велеа дека ќе успее во вистински момент да влезе во водното пространство, чии струи требаше да го носат кон францускиот брег.
Но колку е непредвидлив каналот почувствувавме и ние. Времето за миг го покажа своето второ лице. Токму кога бевме оптимистички расположени, задува силен ветер, кој донесе нови струи. Брановите доаѓаа од сите страни и ја уништуваа надежта за побрзо препливување на каналот. Тоа беше нешто неверојатно. Тогаш и јас сфатив зошто е толку тежок за препливување и зошто Ла Манш е толку голем предизвик за маратонците.

ПЛИВАЊЕ ВО МЕСТО

Во тие мигови капетанот се обидуваше да го фати вистинскиот правец. Но тешко му успеваше тоа, зашто разбеснетите води го фрлаа бротчето на сите страни. Нормално, во една ваква ситуација беше позабавено и пливањето. Доколку, пак, му дадевме освежување верувале или не, брановите ги враќаа и маратонецот и бротчето стотина метри назад. Тоа беше нешто неверојатно. Се добиваше впечаток како Игор да плива во место. Тој беше изложен на големи напори, зашто на тој начин делницата, која при мирно време изнесуваше околу 25 километри, се продолжуваше за повеќе од 30, па можеше да стигне и до 40 километри. Сето тоа придонесуваше да се зголеми и времетраењето на пливањето. Прогнозата беше дека во вакви временски услови и при намален број завеслувања во минута, ако не дојде до откажување – каналот ќе биде препливан за некаде околу 12-13 часа. И тоа навистина се случи, брегот беше толку блиску, а толку далеку. Дојде еден долг период кога околу три часа, Игор како да пливаше во место. Се бореше, но не помислуваше на откажување, иако на моменти имаше и тешки кризи.
Ние постојано му довикнувавме да продолжи, а тој како да беше претворен во автомат, кој механички ги изведуваше завеслувањата. Но и тоа беше доволно малку по малку да се освојува просторот и конечно да се стигне кон заливот со песочна плажа. За да се дојде до него, пак, требаше да се направи едно заобиколување околу еден карпест предел исфрлен во водата, што значеше ново продолжување на пливањето барем за половина час повеќе. Откако и тоа помина, Игор конечно влезе во помирните води од заливот и се упати кон брегот. Во еден момент, така од занес како да загуби ориентација и наместо директно кон брегот, заплива паралелно со него. Ние му довикнувавме за да го предупредиме. Конечно, ја крена главата, фрли поглед лево-десно и кога ја оцени ситуацијата дури тогаш заплива директно кон брегот. Екипажот со бротчето застана стотина метри пред брегот, на плажата, која имаше капачи, откако видоа дека Димовски во првиот обид не успеа да застане на нозе и да излезе од водата потрчаа да му помогнат. Но тој им одмавнуваше со раката, зашто и најмалата помош од нивна страна ќе значеше дисквалификација. Конечно, кога успеа да застане на брегот и да ги крена рацете, сирената од бротчето го означи успешниот крај на оваа пливачка одисеја, која траеше 13 часа и седум минути.
Сите бевме весели, Игор успеа и потоа доплива до бротчето. Беше згрчен и модар од долгото пливање, но, сепак, на лицето по неколку минути забележавме блага насмевка. Потоа, заедно ја поделивме радоста за успешно реализираниот потфат, по кој Димовски стана четвртиот македонски маратонец по Нико Нестор, Атина Бојаџи и Томи Стефановски, што успеа да го преплива каналот Ла Манш, кој е сон за секој пливачки маратонец. Така беше испишана уште една убава приказна, која влезе во македонската спортска историја.


Шампион во триатлон

Нема сомнение оти Игор Димовски е еден од најиздржливите македонски спортисти. Покрај постигнувањата во далечинско пливање, за време на четиригодишниот престој во Дубаи, каде што работеше како инструктор, почна да го практикува и триатлонот, кој е олимписки спорт составен од три сегменти: пливање 1.500 метри, возење велосипед 40 километри и трчање 10 километри.
– Во почетокот не помислував да бидам активен натпреварувач во овој спорт, но некако коцките така се наместија, што во еден миг кога видов дека можам, си реков, па зошто да не пробам да се натпреварувам. Впрочем тоа добро ќе ми дојде и за спарингување на двата сина, кои веќе беа вклучени во овој спорт и постигнуваа добри резултати. Така станав и триатлонец, па во годиниве кога поретко се појавувам на патеките во далечинското пливање речиси целосно се посветив на триатлонот – вели Димовски.
И не само што се посвети, туку Игор, иако има 41 година и може да се каже дека е спортски ветеран, стана и сениорски првак на Македонија за 2019 година.
– Бев најуспешен на двата натпревара што се одржаа во рамките на државното првенство во Власина во Србија и во Охрид. Но нема да застанам на тоа. Триатлонот ми причинува големо задоволство и заедно со синовите секојдневно тренирам. Наоѓаме време да ги усогласиме сите обврски и барем засега успеваме во тоа. Но што ќе покаже иднината, останува да видиме – рече Игор Димовски.