Не ветувам дека ќе победам повторно на Тур де Франс, но ветувам дека ќе дадам сѐ од себе, вели ланскиот победник Бернал, чии најголеми конкуренти ќе бидат колегите од тимот Инеос, Крис Фрум и Герент Томас, победниците од 2017 и 2018 година
Не ветувам дека ќе победам повторно на Тур, но ветувам дека ќе дадам сѐ од себе, гласеше изјавата за колумбискиот „Ел темпо“ на Еган Бернал (23), кој со колегите, колумбиски професионални велосипедисти, пристигна во Мадрид, од каде што продолжи за Андора, на завршните подготовки со својот тим Инеос за продолжението на сезоната, во која треба да ја брани и титулата од ланскиот Тур де Франс.
– Најдобро е да се оди чекор по чекор. Во тренинг-кампот ќе видам на кое ниво сум сега. Помина многу време откога се натпреварував, никој не се натпреваруваше, ова е сосема поинаква сезона од другите – вели Бернал.
По избувнувањето на пандемијата на коронавирусот во март, Бернал остана во Колумбија, каде што тренираше. Годинашната кампања тој ќе ја продолжи со настапот на две трки во Франција, од 1 до 22 август, пред да се појави на презакажаниот 107.
Тур де Франс, кој треба да почне во Ница на 29 август и ќе трае до 20 септември.
Бернал вели дека не им посветува многу внимание на шпекулациите во врска со хиерархијата во „Инеос“ и на изјавите на Герент Томас, победникот во 2018-та, и на Крис Фрум, кој славеше во 2017 година, дека не кријат оти нивните аспирации се триумф на Тур.
– Многу луѓе не ми веруваат, но јас не слушам што се зборува. Според мене, местото за разговор е на велосипедот. Она што тие го велат може да се сфати како психолошко војување или не, но сакам да останам изолиран, добро да тренирам и што подобро да се подготвам за трките. Не сакам да слушам многу вести, кои може да бидат и контрапродуктивни.
Станува збор за тоа пред почетокот на Тур да покажам дека сум во добра форма. Тимот има големо искуство и е подготвен да победи на Тур и тие веќе од првата етапа ќе знаат кој е најдобар. Инеос ми плаќа за да возам со нив. Ако треба да работам за другите, ќе го сторам тоа, верувам дека и тие би го сториле истото тоа. Во велосипедизмот не можете да лажете, јасно се гледа кој вози подобро – вели Бернал.