Работиме на барање решение за Игрите, кои од една страна треба да го штитат здравјето на сите учесници, а од друга страна да го рефлектираат олимпискиот дух, изјави претседателот на ИОК, Томас Бах
Летни олимписки игри (ЛОИ) в година во Токио пред празни трибини „очигледно е нешто што не сакаме“, рече првиот човек на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, додавајќи оти за презакажаните Игри во 2021-та се разгледуваат „повеќе сценарија“. Бах јасно ја покажа својата неподготвеност Игрите да се одржат зад затворени врати, сега вообичаена глетка во спортот низ светот и засега единствен начин за организирање и одржување на натпреварите.
– Олимписки игри зад затворени врати е нешто што не сакаме. Затоа работиме на барање решение за Игрите, кои од една страна треба да го штитат здравјето на сите учесници, а од друга страна да го рефлектираат олимпискиот дух – им изјави претседателот на ИОК на новинарите во видеообраќањето.
Бах и јапонскиот премиер Шинзо Абе предупредија дека ќе биде тешко повторно да се одложат Игрите по 2021 година.
– Првиот приоритет е безбедноста на сите учесници на Игрите. Разработуваме повеќе сценарија за организација на Игрите во однос на здравствената ситуација, за која не знаеме каква ќе биде за една година – рече Бах.
Гувернерот на Токио, Јурико Коике, минатиот месец изјави за агенцијата АФП дека ќе направи „120 проценти напор“ Игрите да се одржат, ветувајќи дека тие ќе бидат безбедни и покрај пандемијата.