Градот домаќин на ЛОИ, Токио, од понеделникот се наоѓа во нова вонредна состојба, која ќе трае до 22 август, за да го спречи растечкиот број на новоинфицирани од ковид-19
Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (од 23 јули до 8 август) ќе бидат „историски“ поради начинот на кој јапонскиот народ ги надмина предизвиците за одржување на глобалниот спортски настан среде пандемијата на коронавирусот, изјави претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах.
Организаторите минатата недела објавија дека ќе нема гледачи на олимписките борилишта. Градот домаќин од понеделникот се наоѓа во нова вонредна состојба, која ќе трае до 22 август, за да го спречи растечкиот број на новоинфицирани од ковид-19.
На една недела до почетокот на Игрите, Токио соопшти дека има најголем број новозаразени од ковид-19 во минатите шест месеци. Јапонскиот премиер Јошихиде Суга и Бах ветија дека Игрите во Токио ќе бидат „безбедни и сигурни“, и покрај тоа што на отворањето на Игрите, Токио и соседните префектури ќе бидат во вонредна состојба.
– За успех на Игрите во Токио, апсолутно е потребно сите учесници да преземат соодветни активности и мерки, вклучувајќи и контрамерки против пандемијата. Се надевам дека ИОК ќе вложи напори сите спортисти и сите засегнати страни целосно да ги почитуваат мерките – беше пораката од Суга до Бах.
Бах потврди дека 85 отсто од спортистите и од службените лица што ќе престојуваат во Олимпиското село во Токио ќе бидат целосно вакцинирани. Тој рече дека речиси 100 отсто од членовите и од вработените во ИОК се „вакцинирани или имуни“.
Околу 11.000 спортисти и десетици илјади други лица ќе влезат во Јапонија во периодот на одржување на Игрите. За Параолимписките игри ќе дојдат околу 4.400 спортисти. Олимпискиот факел ќе го нема на улиците на Токио, затоа што Владата стравува оти штафетата може да предизвика поголеми толпи народ да излезат надвор.