Веслачката репрезентација на Македонија на Балканијадата во Романија во 2014 година

Овој несекојдневен спортски настан ќе ги обедини младите веслачи од Грција, Романија, Турција, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и од Македонија. Веслачката федерација на Македонија, потпомогната од Балканската веслачка асоцијација, АМС и од МОК, на големо се подготвува за овој важен спортски настан, вели д-р Здравко Голабоски, претседател на Балканската веслачка асоцијација и претседател на Веслачката федерација на Македонија, во пресрет на Балканскиот шампионат во Струга викендов

ВИКЕНДОВ

Во Струга, викендов, повеќе од 300 веслачи од Балканскиот Полуостров ќе ги разбрануваат езерските води покрај струшкиот брег и ќе го крунисаат речиси 90-годишното постоење на веслачкиот спорт во Македонија, со одржувањето на Балканскиот шампионат во веслање, популарната Балканијада.
– Овој несекојдневен спортски настан ќе ги обедини младите веслачи од Грција, Романија, Турција, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и од Македонија. Веслачката федерација на Македонија (ВФМ), потпомогната од Балканската веслачка асоцијација, Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Македонскиот олимписки комитет (МОК), на големо се подготвува за овој важен спортски настан и организациските обврски се финализираат деновиве. Техничката организација со голема чест ја презема веслачкиот клуб Црн Дрим од Струга, преку кој се подготвуваат понтони за впловување на чамците, се поставува сигнализација на патеката во соработка со единствениот клуб специјализиран за подводни технички активности „Норкач“ од Струга, а се привршува и со монтирање на судиската кула на целта на патеката – вели д-р Здравко Голабоски, претседател на Балканската веслачка асоцијација и претседател на Веслачката федерација на Македонија.
Веслачката федерација на Македонија ја смета организацијата на Балканскиот шампионат за своевиден тест на зрелост и во перспектива цели кон организација и на поголеми веслачки натпреварувања, но и кон развој на веслачкиот спорт во Македонија преку отворање нови клубови секаде каде што има услови за веслање.

Струшкиот екипаж во четверец со кормилар
на Републичкото првенство во Струга во 1970 година

ПОЧЕТОЦИ НА ВЕСЛАЊЕТО ВО МАКЕДОНИЈА

– Веслачкиот спорт во Македонија се појавува во 1932 година со отворањето на првите веслачки секции во Охрид, а една година подоцна и во Струга од страна на белградското спортско друштво Југ во тогашното Кралство Југославија. По Втората светска војна, секциите прераснуваат во засебни независни клубови кога струшкиот е преименуван во ВК Црн Дрим, а охридскиот го задржува името Југ. Уште веднаш се примени во Сојузното веслачко семејство и се натпреваруваат рамо до рамо со преостанатите клубови на Југословенскиот веслачки сојуз. Во 1974 година се формира и веслачкиот клуб Дебар од Дебар. По распадот на поранешна СФРЈ, трите македонски веслачки клуба ја продолжуваат веслачката натпреварувачка активност во независна Македонија и ден-денешен се постојани чинители на ВФМ – вели Игор Скепароски, технички секретар на Веслачката федерација на Македонија и претседател на Организацискиот одбор на Балканскиот шампионат 2021 во Струга.

Струшкиот двоец на Републичкото првенство во Струга во 1969 година

ВЕСЛАЊЕТО КАЈ НАС ИМА ПЕРСПЕКТИВА

Веслањето во Македонија има перспектива, тоа е надежен спорт што може да создаде многу млади и талентирани веслачи.
– Во 1973 година веслачките федерации на Бугарија, Југославија, Романија, Грција и Турција, на состанокот што се одржал во Атина на 13 и на 14 април, донеле одлука да организираат традиционален веслачки натпревар на кој ќе се натпреваруваат балкански веслачи и кој ќе се одржува секоја година во различна држава. Во почетокот натпреварите се одржувале во јуниорски и во сениорски категории, а од 1992 година само во јуниорски. Редоследот на домаќини на балканските шампионати се утврдува на конгресите на асоцијацијата, обично пред натпреварувањата или на вонредни конгреси. Покрај земјата-домаќин на Балканијадата, на конгресот се избира и претседател на асоцијацијата, односно, претседателот на федерацијата што го презема организирањето на Балканијадата за наредната година се поставува и за раководител на БРА. Веслањето кај нас има перспектива, тоа е надежен спорт што може да изнедри многу млади и талентирани веслачи – вели Коста Хиохи, член на Управниот одбор на Веслачката федерација на Македонија.

Струшкиот четверец со кормилар на Државното првенство во Дебар во 1978 година