Павлов и Арсовски

На подготовките во Скопје ќе работиме најмногу на тактичко-технички план, кој ќе се состои од меѓусебни спаринг-борби и во присуство на судии. Најважно е сега добро да се подготвиме и да бидеме полни со самодоверба дека можеме да стигнеме до целта што сме ја поставиле, вели селекторот во борби, Арсовски

КАРАТИСТИТЕ ПОЧНАА СО ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ОЛИМПИСКИОТ КВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР ВО ПАРИЗ

Емил Павлов (категорија до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи (над 75 кг) во машка и Симона Заборска (до 55 кг), Вероника Костовска (до 61 кг) и Ангела Мојсовска (над 61 кг) во женска конкуренција во борби, како и каташката Пулексенија Јованоска, се седумтемина македонски претставници, кои ќе настапат на квалификацискиот турнир во Париз (од 11 јуни), во обидот да обезбедат норма за претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Предводени од селекторите Сашко Арсовски (борби) и Стојан Андриевски (кати), завршните подготовки почнаа вчера во Скопје. За обезбедување олимписка норма, потребно е во Париз да се освои еден од медалите.
– Во Скопје ќе работиме најмногу на тактичко-технички план, кој ќе се состои од меѓусебни спаринг-борби и во присуство на судии. Каратистите се главно физички подготвени оти пред една недела настапија на Европското првенство во Пореч, а пред него имавме и еднонеделни подготовки во Дојран. Сите се добро расположени и подготвени да го дадат максимумот, без оглед на резултатите од последното европско првенство – вели Арсовски.

Павлов, двократниот европски првак и двапати трет, има големи шанси да им се приклучи на досега пласираните Македонци на Летните олимписки игри во Токио, борачот Магомедгаџи Нуров, таеквондистот Дејан Георгиевски и стрелецот Борјан Бранковски.
– Павлов е наша најголема надеж, но верувам во повеќе исполнети норми, тука е и искусниот Јакупи, иако морам да нагласам дека ќе биде многу тешко на татамите во Париз, оти таму ќе дојдат најдобрите од целиот свет или 64 во категорија, а во Токио ќе има место само за 10 во категорија. Но најважно е сега добро да се подготвиме и да бидеме полни со самодоверба дека можеме да стигнеме до целта што сме ја поставиле – вели Арсовски.
Се очекува на олимписките квалификации во Париз да настапат околу 800 каратисти од целиот свет, и тоа во категориите до 55 кг, до 61 кг и над 61 кг во женска и до 67, до 75 и над 75 кг во машка конкуренција во борби, како и во кати.