Динг(десно) и Ју (Алкалоид)

Македонскиот шаховски првак, европски првак од 2016 и вицепрвак од 2017 година, скопски Алкалоид (рангиран прв, со просечен рејтинг од 2.741 поени), остана без медал на 34. Европски клупски куп (ЕКК), кој вечерва зврши во Порто Карас (Грција). По седум одиграни кола Алкалоид освои вкупно 11 бода (30 поени по табли), односно пет победи едно реми и еден пораз, што беше доволно за 6-то место. „Фармацевтите“ во последното коло го совлада израелски Бер Шева со 4,5-1,5. Цел поен впишаа Лирен Динг, Јнгуи Ју и Дмитри Јаковенко, додека ремизираа Дмитри Андрејкин, Павел Елјанов и Јури Криворучко.

Затоа пак, историски успех постигна вториот македонски претставник на ЕКК, скопски Гамбит Асеко СЕЕ (рангиран 27-ми, со просечен рејтинг 2.363 поени), кој со вкупно 10 бода (23 по табли), односно четири победи, две ремија и само еден пораз, заврши на извонредното 8-мо место или дури 19 места подобро отколку почетниот ранкинг, а оставајќи зад себе многу посилни екипи. Во 7-то коло Гамбит Асеко СЕЕ го совлада англиски Грин Вуд (рангирн 29-ти) со 3,5-2,5, благодарејќи на победите на последните три табла, каде играа Зоран Стојчевски, Дејан Динев и Љубиша Андоновски и ремито на Никола Николовски на третата табла, додека на првите две табли загубија Петар Арнаудов и Орце Данчевски.

Данчевски(лево) и Стојчевски (Гамбит Асеко СЕЕ)

Нов европски првак стана клубот кого само Алкалоид успеа да го победи, а тоа е Медни Всадник од Санкт Петербург, Русија со 12 бода, колку што имаше и второпласираниот Нови Бор од Чешка, но со послаб дополнителен критериум, додека бронзаниот медал му припадна на Молодежка од Русија со 11 бода.

Поединечно по табли, шахистот на Алкалод, кинескиот велемајстор (ВМ) Лирен Динг (2.804), го освои златниот медал на првата табла со 4,5 поени од шест партии, додека неговиот сонародник, исто така член на Алкалоид, ВМ Јангуи Ју (2.765), бронзениот медал на втората табла, забележувајќи пет поени од седум можни, додека рускиот велемајстор Дмитри Јаковенко (2.752) со 5,5 поени од седум партии, освои сребро играјќи на четвртата табла.  

Г.И.

ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ, 7-МО КОЛО

(4) Медни Всадник – (4) Валеренга 4-2

(6) Падова – (7) Молодка 3-3

(3) Одлар Јурду – (2) Нови Бор 2-4

(1) Алкалоид – (8) Бер Шева 4,5-1,5

(9) Итака – (21) Еунатен 5-1

(22) Норстранд – (24) БСГ 3-3

(29) Вуд Грин – (27) Гамбит Асеко СЕЕ 2,5-3,5

КОНЕЧНА ТАБЕЛА, ТОП 10

1. Медни Всадник (Русија) 12 бода (30,5 по табли)

2. Нови Бор (Чешка) 12 (30)

3. Молодежка (Русија) 11 (31)

4. Падова (Италија) 11 (29)

5. Валеренга (Норвешка) 11 (26)

6. Алкалоид (Македонија) 11 (30)

7. Итака (Србија) 10 (27)

8. Гамбит Асеко СЕЕ (Македонија) 10 (23)

9. Одлар Јурду (Азербејџан) 9 (30,5)

10. Бер Шева (Израел) 9 (26,5)