Првите боксерски чекори Салиху ги направи во БК Скопје. Беше стандарден репрезентативец на поранешна Југославија. Покрај олимписката бронза, Салиху има два бронзени медали и од европските првенства, а беше прв и на Медитеранските игри во Латакија
Еден од плејадата квалитетни боксери што произлегоа од школата на БК Скопје, секако, е и Азис Салиху. Тој уште од млади години почна да се занимава со благородната вештина и веднаш стана јасно дека се работи за голем талент, кому му претстои убава иднина. И навистина беше така – Салиху ја освои младинската, а потоа и сениорската титула во тешка категорија во Македонија.
Уште од тие моменти тој стана интересен за повеќе клубови, особено оние што учествуваа во Првата југословенска лига. Речиси сите тие сакаа да го видат во својата средина, зашто неговото присуство во тимот со оглед на квалитетите со кои располагаше им обезбедуваше два поена во најтешката категорија, која, нормално, секогаш беше последна на програмата. Често се случуваше тој да ја одбоксува најзначајната борба за својата екипа и да донесе победа.
– Од првото стапнување на рингот, веќе ми беше јасно дека се работи за голем талент. Азис, како тешкаш, располагаше со сите квалитети неопходни за еден боксер во најтешката категорија. Беше внимателен, чекаше шанса за напад и пласираше удари и „распалуваше“ кога ќе му се укажеше шанса за тоа. Беше и многу стабилен, тешко можеше да го „разниша“некој во домашна конкуренција – вели од оваа временска дистанца тогашниот тренер на БК Скопје Живко Дуковски
РАНО ЗАМИНУВАЊЕ ВО РК КАБЛОВИ
Живко Дуковски, кој со сите сили се бореше да го задржи Салиху во БК Скопје, сепак, не успеа. Во тоа време, а тоа беше на средината на 1970-тите години, скопјани се натпреваруваа во Втората југословенска лига. Тогаш, предводени од тандемот Дуковски – Шишковиќ, беше создадена една солидна екипа, во која, сепак, во некои категории недостигаа боксери, па БК Скопје не можеше да се избори за пласман во најелитната лига. Токму во тоа беше нивниот хендикеп, па прволигашите како „волци“ гледаа да „грабнат“ некој квалитетен боксер.
– Објективно не можевме да ги задржиме, зашто прволигашите имаа подобри услови за тренинг, а располагаа и со повеќе пари. Во некои градови, пак, каде што боксот беше спорт број еден, клубовите можеа да доведат кого сакаат во својата средина. Нудеа добри пари за тоа време и, нормално, ние помалите и финансиски послабите не можевме да ги задржиме. Се сеќавам, кога дојдоа во Скопје да се договараат со младиот боксер, претставниците на Каблови од тогашно Светозарево, сега Јагодина, на Азис му нудеа големи пари. Јас се противев да замине таму, зашто знаев оти тие нема да го поштедат и, иако млад, ќе го фрлаат во оган. Но неговиот татко, кој една вечер околу полноќ зачука на мојата врата, инсистираше да го пуштиме зашто таму ќе обезбеди егзистенција. Се согласив Азис Салиху да замине и да стане член на прволигашот од Јагодина – вели Дуковски.
Откако почна да боксува за новиот клуб, и нему и на неговиот татко им стана јасно зошто Дуковски не сакаше да го пушти во Каблови. Тренерите на новиот клуб, кои гледаа само да се освојуваат бодови, воопшто не внимаваа на тоа кога и против кого ќе го пуштат младиот Салиху да ги вкрсти ракавиците на рингот. Во тој период имаше неколку тешки мечеви, кои, за среќа, поминаа без последици. Азис со сиот младешки жар влегуваше во дуелите, па, така, ни тој не им остануваше должен на ривалите. За кратко време тој стана миленик на публиката и веќе Каблови не можеше да се замисли без Салиху.
НЕЗАБОРАВНА БОРБА СО АМЕРИКАНЕЦОТ БИГС
Во минатото многу беа квалитетни и интересни и поединечните првенства на Југославија. Тие беа филтер за влез во националната репрезентација, а тоа уште повеќе ги разгоруваше страстите и придонесуваше да гледаме навистина квалитетни борби. На тие шампионати на поранешната држава, Азис Салиху беше еден од најуспешните. Тој во текот на својата кариера осум пати беше првак на Југославија, а од тие титули, пет беа освоени едноподруго. И овој податок говори за квалитетите на Салиху, кој влезе и во аналите на југословенскиот бокс.
– Моите желби не беа да триумфирам само на првенствата на поранешната држава. Јас сакав да постигнувам и добри резултати на меѓународната сцена, па поради тоа го напуштив Скопје и отидов во Каблови, каде што објективно имав многу подобри услови за тренинг и за напредок. Тоа се покажа исправно, зашто веќе во првата половина од 1980-тите години им станав сериозен ривал на тешкашите што во тоа време доминираа на меѓународниот ринг – ми рече неодамна Салиху при средбата на „Златниот гонг“.
И навистина беше така – Азис Салиху настапи на Олимпијадата во Москва, каде што беше елиминиран во четврт-финалето од домашниот боксер Пјотр Заев. Олимпискиот настап беше големо искуство за Салиху, кој веќе следната година на Европското првенство во Тампере го освои бронзениот медал. Истиот резултат го постигна и четири години подоцна во Будимпешта. Но она што беше најзначајно во кариерата на Салиху беше освојувањето на бронзениот медал на Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984 година.
– Овој настап не го паметам само јас туку го паметат сите љубители на боксот во поранешната држава. Полуфиналната борба против Американецот Тајрел Бигс за мене ќе остане незаборавна. Малкумина очекуваа дека ќе му дадам толкав отпор на фаворизираниот домашен боксер. На крајот загубив на поени, но не бев разочаран. Напротив, и покрај поразот добив честитки за мојот храбар и квалитетен настап – се сеќава на тоа време Салиху.
Две години подоцна (1986), Салиху настапи и на Светското првенство во американскиот град Рино, во Невада. Таму беше поразен во четврт-финалето од Американецот Алекс Гарсија, откако во претходниот настап забележа победа против еден од најдобрите европски тешкаши Унгарецот Ференц Шомоди. Пласманот меѓу осумтемина му ја отвори вратата и за третата Олимпијада за него. Настапи во Сеул во 1988 година, но и таму, исто како и на СП во Рино, стигна до четврт-финалето.
ЗЛАТО НА МИ ВО ЛАТАКИЈА
Најголемиот успех на меѓународниот ринг, по она освојување на бронзениот олимписки медал во Лос Анџелес, Азис Салиху го забележа во 1987 година на Медитеранските игри во Латакија, Сирија. Таму, во конкуренција на најдобрите тешкаши од Медитеранот, меѓу кои беа и освојувачите на медали од ОИ, СП и ЕП, Италијанецот Бијаџи Кианезе и Французинот Дамјани, нашиот боксер триумфира и се врати дома со златниот медал.
– За овој успех добив многу честитки, а освојувањето на златниот медал бучно беше прославен во југословенскиот табор во медитеранското село, кое беше лоцирано на самиот морски брег. Тоа беа пријатни и незаборавни моменти во мојата кариера. Бев горд што се искачив на највисокото место на пиедесталот. Латакија вечно ќе ја паметам – вели Салиху.
Истата година ќе остане запишана како една од најуспешните години во спортската биографија на Азис Салиху, бидејќи на Светскиот куп во Белград го освои бронзениот медал. Со ова тој потврди дека во деветтата декада од минатиот век местото му беше меѓу најдобрите боксери во тешка категорија, не само во Европа туку и во светот. Дека тоа беше навистина така потврдуваат неговите победи на ринговите низ светот над асовите во тешка категорија, какви што беа Јагубкин, Абаџијан, Дамјани, Пејн, Шомоди, Мервис Фрејзер, Хусинг и Кианезе. Инаку, последните сезони од клупската кариера Салиху ги помина во битолски Пелистер, кој се натпреваруваше во Првата југословенска лига. Во својата категорија Азис редовно победуваше и освојуваше значајни бодови за вкупна победа на битолчани.
Нема сомнение дека голобрадото момче, кое кариерата ја почна во салата на БК Скопје, стигна до боксерските височини. Азис Салиху ќе остане запишан по своите постигнувања во три земји, една што веќе не постои – Југославија, потоа во Македонија и во Косово.
Азис Салиху
Роден: во 1954 година во Приштина
Кариера: БК Скопје, БК Каблови, БК Пелистер, репрезентација на Југославија
Успеси: Трет на ЛОИ 1984, двапати трет на ЕП (1981 и 1985 година), трет на Светскиот куп (1987 година) и прв на МИ во Латакија (1987 година). Учесник на три олимпијади (Москва, Лос Анџелес и Сеул)