Квотербекот на Њу Ингланд патриотс Том Брејди (41) стана првиот играч во НФЛ-лигата во американски фудбал, што шестпати го освои шампионскиот прстен со триумф во Супербоулот (во девет финалиња), во кој неговиот клуб беше подобар од Лос Анџелес рамс со 11-3.
Брејди го заврши мечот со 262 јарди и 21 успешно додавање од 35 обиди (едно беше пресечено).
– Ова ми значи многу. Има повеќемина момци кои учествуваа во патешествието со овој тим и беше забавно да се биде дел од ова. Само го правите најдоброто што можете секојдневно. Ова е фудбалска средина со многу предизвици. Секогаш има притисок бидејќи морате да одговорите на предизвиците – кажа легендарниот квотербек по завршниот меч.
Брејди го предвиде својот успех во смела изјава дадена во 2000 година, која сега се покажува како точна.
– Јас ќе бидам најдобрата одлука што оваа организација некогаш ја донела – порача Брејди кој беше 199-ти избор во шестата рунда од драфтот во 2000 година, а првпат беше стартер во третото коло од 2001 година.