Во „Токио дом“ (капацитет 45.000) се одигра бејзбол-меч пред 19.000 гледачи со примена на сите мерки против коронавирусот, како мерење температура на влезовите, дезинфекциско средство низ целиот објект, гледачите ги дадоа своите податоци за контакт во случај на појава на ковид-19, нов стил на навивање, без викање, дезинфекција на седиштата, дистрибуција на алкохолни марамчиња… Следуваат мечеви со исполнетост на стадионот од околу 80 отсто
ВО ПРЕСРЕТ НА ЛОИ
На стадионот во Јокохама, со капацитет од 34.000 места, овој месец ќе се одржат три меча во бејзбол со исполнетост од околу 80 отсто, на кои Јапонците ќе ги тестираат мерките за заштита од ковид-19 во пресрет на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година, пренесува „Ројтерс“.
Професионалните спортски стадиони во Јапонија се ограничени на 50 отсто исполнетост од капацитетите како дел од напорите да се спречи ширењето на коронавирусот. Министерот за економска ревитализација, Јасутоши Нишимура, кој ја предводи јапонската борба против ковид-19, на новинарите им изјави дека ако „експериментот“ биде успешен, на сите професионални стадиони ќе им биде дозволено да го зголемуваат бројот на гледачи.
Пред два дена во „Токио дом“, каде што Јомиури џајант играше против Хирошима карп, беа присутни 19.000 гледачи со примена на сите мерки против коронавирусот. Освен што се проверуваше нивната температура при влегувањето, а дезинфекциското средство беше достапно низ целиот објект што може да прими 45.000 лица, сите гледачи мораа да ги дадат своите податоци за контакт во случај на појава на ковид-19. Навивачите на Јомиури џајант дури и го сменија вообичаениот начин на навивање за да има помалку викање и енергични движења што би можеле да го прошират вирусот.
– Откако добивме дозвола за присуство на гледачи, направивме антикоронавирусни мерки што претходно не сме ги правеле. Предложивме нов стил на навивање, без викање, како и дезинфекција на седиштата и дистрибуција на алкохолни марамчиња – изјави за „Ројтерс“, Масатоши Јамада, официјален претставник на промотивниот оддел на Џајантс.
Јамада рече дека официјални лица од Токио 2020 ги посетиле и ги виделе дополнителните мерки.
– Се надеваме дека тоа може да биде идна референца за успехот на ЛОИ во Токио в година – рече тој.
Гледачите велат дека се чувствуваат безбедно со воспоставените дополнителни мерки и се одушевени што пак можат да го гледаат саканиот тим. Организаторите на Игрите, кои треба да одлучат дали ќе дозволат присуство на гледачи на стадионите за време на ЛОИ, за „Ројтерс“ изјавија дека ќе го проценуваат влијанието на мерките. За Игрите веќе се продадени над седум милиони билети.