Во групата Ц во квалификациите за ЕП 2021, Македонија ќе им биде домаќин на Данска, Турција и на БиХ на вториот турнир, во јануари, откако првиот ќе се одржи во Данска. На ЕП ќе играат прваците на седумте квалификациски групи и петте второпласирани со најдобар резултат
ОДБОЈКА – ЦЕВ ГО ОДРЕДИ СИСТЕМОТ НА КВАЛИФИКАЦИИ ЗА КОНТИНЕНТАЛНОТО ПРВЕНСТВО
Македонија од 14 до 17 јануари в година ќе биде организатор на вториот квалификациски турнир, група Ц, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во одбојка. Домаќин на првиот турнир треба да биде Данска, од 7 до 10 јануари во 2021 година, одлучи Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
– За Македонија е добра околност што ќе бидеме домаќини на вториот турнир, ќе играме пред своја публика и треба да го искористиме тоа. Турција е фаворит за освојување на првото место во групата, Данците имаат некои свои сметки, ќе играат дома, но мислам дека ние сме поквалитетни, веќе ги имаме победувано.
БиХ е аутсајдер, но не треба да се потцени – вели капитенот на Македонија, Никола Ѓоргиев, кој во следната сезона ќе настапува за нов клуб, турскиот Инегол Беледиjeспор.
Натпреварите во групата Ц требаше да се играат во август и во септември годинава, но поради пандемијата на коронавирусот се одложени за јануари во 2021 година. Другата измена е во тоа што наместо шест средби, според принципот „секој со секого, дома и на гости“, ќе се одржат два турнира.
На завршницата на ЕП 2021 што треба да се одржи во четири земји, во Чешка, Полска, Финска и во Естонија, во септември следната година, ќе се најдат првопласираните репрезентации од седумте квалификациски групи, плус петте второпласирани со најдобар резултат. Директен пласман на ЕП 2021 си обезбедија и осумте најдобри од минатото континентално првенство што се играше во Словенија, Франција, Белгија и во Холандија, како и четирите земји-домаќини.
Одлуката на ЦЕВ ѝ оди во прилог на Македонија, која ќе се обиде вторпат да се најде на ЕП. Лани на дебито во Љубљана, Словенија, македонските одбојкари оставија одличен впечаток, забележаа две победи на петте натпревари (над Словенија и над Белорусија), и за малку, поради полошиот сет-количник, не се пласираа во осминафиналето.
– Многу е битно дали ќе бидеме комплетни, со најдобар состав, ќе биде важно кој одбојкар во кој клуб и лига ќе игра есенва, колку ќе бидеме подготвени и здрави за тие два турнира. Мал проблем е тоа што ќе имаме подолга пауза од последниот собир и настап на ЕП во 2019 година во Словенија, ќе немаме време за какви било подготовки или контролни натпревари, но во слична ситуација се и другите репрезентации и сите ќе мораме да се приспособуваме на новонастанатите услови. Како и да е, мислам дека имаме реални шанси за нов настап на ЕП, ако не како првопласирани, тогаш како второпласирани во групата – вели Ѓоргиев.
Македонската одбојкарска репрезентација годинава требаше да дебитира и во Европската златна лига, во мај и во јуни, во групата со Турција, Чешка и со Португалија, но поради пандемијата на коронавирусот ЦЕВ го откажа натпреварувањето.