Шифрин со триумфот на спустот во Банско сега има 65 победи во Светскиот куп, две помалку од Хиршер, Вон има 82, а рекордерот Стенмарк има 86 победи во Светскиот куп (СК). За Шифрин ова беше само втора победа во спуст во СК
Американката Микаела Шифрин (24), најдобрата светска скијачка во моментов, ја забележа петтата победа сезонава, прва во 2020 година, на спустот во Банско, Бугарија, каде што настапи првпат (во вториот спуст на истата патека „Марк Џирардели“ беше четврта, а победи Федерика Брињоне од Италија). Тоа за неа е вкупно 65-та победа во кариерата во Светскиот куп (СК). Шифрин сезонава победи во слалом во Леви, Килингтон и во Линц, каде што триумфира и во велеслалом.
Шифрин сега има само две победи помалку од Австриецот Марсел Хиршер, кој има 67. Нејзината сонародничка Линдзи Вон има 82, а рекордерот, Швеѓанецот Ингемар Стенмарк е со 86 победи во СК.
– Навистина бев возбудена. Не го очекував ова, не беше лесно, по малку беше и страшно. Во почетокот си помислив, добро, сега треба само да ја поминеш патеката. Тоа е техничка патека, се обидов да бидам агресивна, се чувствував подобро отколку на тренингот, и навистина сум пресреќна – рече Шифрин, специјалистката во техничките дисциплини, за која ова беше втора победа во спуст, по пауза од повеќе од две години (победи во декември 2017-та во Лејк Луис, Канада).
Шифрин води во генералниот поредок во СК сезонава со 1.125 поени. Втора е Италијанката Брињоне со 855, трета е Петра Влхова од Словачка со 790 поени итн. Во спуст води Швајцарката Корин Сутер со 272 поени, 12 повеќе од Шифрин.
Шифрин атакува на четвртиот триумф во генералниот поредок во СК, со што би се израмнила со Вон, која победуваше од 2008 до 2012-та. Австријката Анемари Мозер-Прел, која има 62 победи во СК, шест пати триумфирала во генералниот поредок, двапати помалку од Хиршер, кој има осум големи „кристални глобуси“.
НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО СК
Ингемар Стенмарк 86
Линдзи Вон 82
Марсел Хиршер 67
Микаела Шифрин 65