Добивам пораки од луѓе низ светот на кои им недостига тоа што не можат да гледаат Формула 1. Тоа покажува колку е значаен спортот за луѓето, нѐ зближува, тој е возбудлив и неверојатен, вели светскиот првак во Ф1, Британецот Луис Хамилтон
Првите десет трки во Формула 1 сезонава се одложени или откажани поради пандемијата на коронавирусот. Во тој спорт, сепак, се надеваат дека сезоната ќе почне на почетокот на јули, со две трки едноподруго во Австрија, потоа уште две во британскиот Силверстоун. Сите овие трки би се одвивале без присуство на публика.
– Ќе биде многу празно без гледачи. Колку повеќе гледачи толку повеќе атмосфера имате, како на пример во Силверстоун и во Монца.
Добивам пораки од луѓе низ светот на кои им недостига тоа што не можат да гледаат Формула 1. Тоа покажува колку е значаен спортот за луѓето, нѐ зближува, тој е возбудлив и неверојатен. Не знам колку е возбудливо за луѓето што гледаат трки преку телевизијата, но ќе биде подобро од ништо – ја пренесе британскиот дневен весник „Гардијан“ на својата интернет-страница изјавата на светскиот првак во Формула 1 Хамилтон.
Ова е најдолгата пауза од спортот што Британецот ја имал од своето деби во Ф1 во 2007 година, но принудната пауза му овозможила да стане свесен за тоа колку уште ужива во трките.
– Тоа е добро од една страна затоа што ви дава можност повеќе да ги цените работите што ги сакате. Ова ми даде поголема енергија и решителност да продолжам да се борам, да продолжам да работам за овој одличен тим и јас сум возбуден за иднината – вели Хамилтон, а пренесе „Гардијан“.