Безбедносниот концепт на организаторите на трките во јули го одобри Министерството за здравство на Австрија
Формула 1 повторно ќе ги придвижи моторите во почетокот на јули во Австрија, со двете трки во Шпилберг, што ќе претставува и почеток на сезоната, одложена поради пандемијата на коронавирусот. Безбедносниот концепт на организаторите во Шпилберг го одобри Министерството за здравство на Австрија. Според австриската новинска агенција АПА, здравствениот концепт претставен од организаторот за двете трки (5 и 12 јули) ги исполнил тековните услови, објави германскиот спортски весник „Кикер“ на својата интернет-страница.
Здравствениот извештај за двојното гранпри, меѓу другото, предвидува дека возачите и персоналот во Формула 1 може да бидат тестирани пред да влезат во Австрија. Покрај тоа, бројот на вработените на патеката треба да се намали на минимум, односно според организаторот, најмногу 2.000 лица во серијата трки. Планирани се и дополнителни мерки, како што е сместување на тимовите во одвоени хотели.
По двете трки во Австрија, третата трка во три недели би требала да се одржи во Будимпешта (19 јули), потоа во Силверстон (2 и 9 август), во Шпанија (16 август), две недели подоцна во Спа (Белгија) и една недела подоцна во Италија. Во Формула 1 се надеваат на најмалку 15 трки годинава.