Според бројките на ФИДЕ, 20 отсто од сите велемајстори и 10 отсто од сите шахисти со титули ѝ се приклучиле на иницијативата. Низата турнири траеше 720 часа, од 18 мај до 16 јуни, имаше 520.000 пријави и 120.000 учесници, од 140 држави, на 2.762 турнири на различни шаховски интернет-платформи
Проектот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) „Шах-мат коронавирус“ забележа рекордни 520.000 пријави и 120.000 учесници од најмалку 140 држави на 2.762 турнири на различни шаховски интернет-платформи. Низата турнири траеше вкупно 720 часа помеѓу 18 мај и 16 јуни годинава. „Ова се неверојатни бројки, невидени и незамисливи за кој било друг спорт“, пишува на сајтот на проектот.
Во овој рекорд, популарниот шаховски сајт „Чес.ком“ учествуваше со 812 турнири со вкупно 277.573 пријави и одиграни 735.787 партии од 86.971 играч.
Според бројките на ФИДЕ, 20 отсто од сите велемајстори (ВМ) и 10 проценти од сите шахисти со титули на ФИДЕ ѝ се приклучиле на иницијативата во одреден момент, вклучувајќи ги и големите имиња како што се Кинезите Динг Лирен и Ванг Хао, Холанѓанецот Аниш Гири, Русинот Петер Свидлер, Чехот Давид Навара, а исто така и четири светски шампионки, Кинезинките Хоу Јифан и Тан Жонгу, Русинката Александра Костениук и Бугарката Антоанета Стефанова, заедно со илјадници аматерски играчи.
Притоа повеќе од 60 национални шаховски федерации и две здруженија поврзани со ФИДЕ, организирале свои турнири, кои беа вклучени во проектот. Некои федерации организирале повеќе од 25-30 турнири, вклучувајќи ги и училишните првенства и националните турнири. Притоа 64 играчи ја освоија најголемата награда, платено патување на Шаховската олимпијада (ШО) во 2021 година, други, пак, освоија можност за настап на мини-натпревари против врвни ВМ (кои ќе се одржат од јули до септември). Победниците се на возраст од 9 до 64 години и се од најмалку 37 држави.