Презадоволни сме што во вакви услови на пандемија успеавме да го организираме Скопскиот маратон и очекувам оваа манифестација да продолжи да биде гордост на градот, вели Кире Синадиновски, директор на трката, која годинава ќе се одржи под мотото „Трчањето ќе ве промени“
АТЛЕТИКА
Многубројни медицински и други протоколи поради пандемијата на ковид-19, драстично намален број на учесници во споредба со минатите години, помалку публика, музика и други ревијални активности низ улиците на главниот град на Македонија, Скопје, ги очекува околу 1.500-те ученици на утрешниот 16. Скопски маратон, првично закажан за 10 мај годинава.
– Презадоволни сме што во вакви услови на пандемија и на серија одложени маратони во светот и во соседството, во Загреб и во Белград, успеавме да го организираме Скопскиот маратон. Во тоа, секако, ни помогна тоа што летово успешно организиравме две трки со почитување на сите протоколи и на тој начин го положивме тестот. Разбирливо, поради околностите ќе нема елитни тркачи, ќе нема масовност, но и покрај сѐ очекувам оваа манифестација да продолжи да биде гордост на градот – вели Кире Синадиновски, директорот на трката, која годинава ќе се одржи под мотото „Трчањето ќе ве промени“.
Се очекува трката да биде поизедначена, со надеж дека на победничкиот трон би можел да се најде и македонски претставник. Скопскиот маратон е и првенство на Македонија во оваа дисциплина.
– Добро сум подготвен, ќе се обидам да истрчам најдобро што можам, во рамките на реалните можности и повторно да бидам најдобар меѓу македонските маратонци. Посакувам да се најдам на пиедесталот, но маратонот е напорна, чудна трка, конкуренцијата е силна, и не може ништо со сигурност да се прогнозира – вели Александар Кираџиев, ланскиот победник и петкратен првак на Македонија во маратон.
Поради пандемијата, годинава ќе ќе нема масовен старт, учесниците во трите трки (маратон, полумаратон и во штафетниот маратон, 4х10 км), ќе стартуваат пред платото на спортската сала „Борис Трајковски“, од 8.30 до 9.15 часот, по петмина, на секои 10 секунди, на сите ќе им се мери температурата пред стартот, ќе мора на носат заштитни маски пред стартот и по завршувањето на трката и да држат растојание од 1,5 метар. Трката ќе се одвива по булеварот Илинден до населбата Хром, потоа по булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, низ Центар, до булеварот Србија во населбата Ново Лисиче и назад преку Центар, по булеварот Илинден до СЦ „Борис Трајковски“.
„Нова Македонија“ и годинава со свои претставници на Скопскиот маратон
Новинарската екипа на „Нова Македонија“, која ќе настапи на полумаратонот, ќе ја сочинуваат Антонија Поповска, Радмила Заревска, Сања Јачевска и Гоце Цветаноски
Новинарската екипа на дневниот весник „Нова Македонија“, во состав Антонија Поповска, Радмила Заревска и Сања Јачевска, засилена со ликовно-графичкиот уредник, Гоце Цветаноски, ја продолжува повеќегодишната традиција на Скопскиот маратон со настапот на полумаратонот, на 21 км.
– Лани направив пауза, но годинава се вратив во форма. И виртуелната трка ми беше „во игра“, но кога се создадоа услови за одржување на трката одлучив да настапам. Очекувам позитивна атмосфера, дисциплина од сите учесници, лесни нозе, мирна мисла и сино небо – вели Јачевска, за која ова ќе биде шесто учество на оваа манифестација, од тоа четири на полумаратонот.
Поповска и Заревска вторпат ќе настапат на полумаратонската трка по ланското деби и по неколкуте претходни учества на ревијалната трка на пет км.
– Годинава сѐ околу трката е различно, корона-кризата ни ги смени навиките, ни ја смени и кондицијата. Сепак, и во вакви услови предизвик ми е да се обидам да соборувам некои мои лични рекорди, но и да ја одржувам личната мотивација – вели Заревска.
За Цветаноски ова ќе биде јубилеен, 10-ти настап на Скопскиот маратон.
– Задоволството е големо и поради тоа што воопшто ќе се одржи маратонот. Очекувам генерално брза трка поради рамната патека, која е една од најбрзите во регионот. Моето најдобро време на полумаратонот е 1,26 часа, но би бил задоволен ако делницата ја истрчам за околу 1,45 часа – вели Цветаноски.