Организаторите велат дека спортските настани нема да бидат намалени, ниту квотата од 11.000 олимпијци и 4.400 параолимпијци. Намалувањата би можеле да вклучуваат помалку услуги за учесниците, гледачите и за сите присутни во Токио за време на ЛОИ 2020 в година
Организацискиот комитет (ИК) на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио работи на „поедноставување“ на Игрите заради безбедноста и сигурноста на спортистите, изјави претседателот на Јапонскиот олимписки комитет (ЈОК), Јасухиро Јамашита. Игрите треба да почнат на 23 јули 2021 година, но уште постои загриженост за нивното одржување со оглед на зголемениот број случаи на заразени од ковид-19 низ целиот свет.
Јамашита, поранешен олимписки шампион во џудо, за „Ројтерс“ изјави дека доживеал „прекрасни и екстравагантни“ олимписки настани, но и оти концептот за 2021 година ќе треба да се фокусира на „безбедноста и на сигурноста“. Но засега не се соопштуваат детали за тоа што би се елиминирало од Игрите.
Организаторите велат дека спортските настани нема да бидат намалени, ниту, пак, квотата од 11.000 олимпијци и 4.400 параолимпијци. Покрај спортистите, на Игрите треба да присуствуваат и повеќе од 25.000 претставници на медиумите. Ќе има и околу 80.000 волонтери и речиси еден милион гледачи дневно.
Намалувањата би можеле да вклучуваат помалку услуги за учесниците, гледачите и за сите присутни во Токио за време на Игрите. Одложувањето на Игрите значеше и голем финансиски потфат и товар што на себе го презеде ЈОК.
Најголемата работа беше повторно да се резервираат стадионите, објектите и хотелите за 2021 година.
Од друга страна, медицинските експерти продолжуваат да предупредуваат дека Игрите може да претставуваат голем здравствен ризик за Јапонија поради епидемијата и можното натамошно ширење на вирусот.