За Британецот ова беше трета победа сезонава на четирите трки, петта во низа во Шпанија, вкупно 98-та во кариерата
ФОРМУЛА1
Возачот на Мерцедес, Британецот Луис Хамилтон победи на трката за Големата награда (ГН) на Шпанија во Формула 1 (Ф1), на патеката во Барселона, пред околу 1.000 гледачи на трибините, по петти пат во низа. Втор беше Холанѓанецот Макс Верстапен, возачот на Ред Бул, а трет клупскиот колега на Хамилтон, Финецот Валтери Ботас. За Хамилтон, седумкратниот светски шампион, ова беше трета победа сезонава по четирите трки, вкупно 98 во кариерата.
Хамилтон стартуваше од пол-позицијата, по 100-ти пат, но веќе во првиот свиок го загуби водството од агресивниот Верстапен. Кога од тимот на Мерцедес видоа дека Хамилтон не ќе може да го престигне Верстапен, по вторпат го повикаа во боксот, во 42-от круг. Потоа Британецот со низата брзо извозени кругови успеа да го престигне Верстапен, чија стратегија беше едно застанување во боксот, и да го освои првото место.
По победата, на прес-конференцијата Хамилтон го пофали својот тим за ризичниот потег и за одлуката за промена на стратегијата од едно на две застанувања во боксот, но призна дека размислувал и да го игнорира вториот повик.
– Ред Бул одлично стартуваше. Долго време го бркав Верстапен и беше тешко да се надомести заостанување од дваесетина секунди. Повикот во боксот беше ризична одлука, но се покажа како одлична стратегија. Бев во дилема дали да влезам во боксот или да го игнорирам повикот, но го сторив тоа што го побара тимот од мене и сѐ излезе добро – изјави Хамилтон.
Хамилтон е на првата позиција со 94 поени, пред Верстапен, кој има 80, и пред Ботас, со 47 поени. Следната трка ќе се вози низ улиците на Монте Карло, на 23 мај.