Ставовите на светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ за прашањето за задолжителна вакцинација пред продолжувањето на тениската сезона предизвикаа големо внимание и отворија глобална расправа за вакцинацијата. Тој истакна дека не сака да биде принуден да прими вакцина за да се натпреварува, за време на разговор во живо преку апликацијата за видеоповици Зум со повеќемина негови колеги од белиот спорт.
– Лично сум против вакцинацијата и не би сакал да бидам принуден од некого да примам вакцина за да патувам. Што ќе се случи ако стане задолжително? Ќе треба да донесам одлука – кажа 32-годишниот тенисер.
Многумина се прашуваа дали Ѓоковиќ е против вакцинацијата, а некои се сомневаа дека неговите изјави првично објавени од „Ројтерс“ можеби не се протолкувани соодветно бидејќи зборуваше на српски. Повеќе медицински експерти од поранешна Југославија го критикуваа популарниот Ноле за впуштањето во оваа дискусија, а дел од тенисерите, меѓу кои и Тенис Сандгрен, како и јавноста се шегуваа на негова сметка. Ѓоковиќ се обиде да ги појасни неговите ставови во разговор со „Асошиејтед прес“.
– Ги изразив своите ставови бидејќи имам право, а исто така чувствувам и одговорност да ги потенцирам суштинските прашања за тенискиот свет. Не сум експерт, но сакам да имам опција да изберам што е најдобро за моето тело. Го држам умот отворен и ќе продолжам да ја истражувам оваа тема бидејќи е важна и нѐ засега сите – кажа освојувачот на 17 гранслем-трофеи.
Српскиот тенисер е познат според вербата во „механизмите на самозацелувањето“ заедно со неговата сопруга Јелена, со што избегнуваше да оди на операции за санирање на повредите се до 2018 година кога го оперираше лактот на десната рака, наведува интернет-страницата „Тенис“ специјализирана за белиот спорт.
– Природата на професијата на Ѓоковиќ подразбира дека тој зборува за себеси по секој меч, но вообичаено ги насочува излагањата кон тенисот, па лесно е да се заборави колку неговите ставови се различни во однос на ривалите. Извесно е дека неговиот поглед на светот функционира за Ѓоковиќ. Тој е светскиот број еден во потера по Роже Федерер (20) и Рафаел Надал (19) според бројот на гранслем-трофеи. Веројатно и ќе ги стигне. Но неговата духовност треба да биде лична, се додека не е штетна. А во неделата, коментарите на Ѓоковиќ покажаа колку е тенка границата помеѓу пронаоѓањето на мир во духовноста и давањето на потенцијално опасни наративи – пишува „Гардијан“ во колумна посветена на Ѓоковиќ.
Многумина сметаат дека Ѓоковиќ не треба јавно да ги изнесува неговите ставови за осетливи медицински прашања, за кои и самиот истакна дека не е експерт, бидејќи како еден од најпознатите спортисти на денешницата има глобално влијание, особено врз бројните обожаватели М.Ж.