Скај беше формиран пред само осум години за да победи на Тур де Франс во период од пет години, но тоа го стори по само три години и сега доминира на оваа престижна велосипедска трка
Скај е доминантен на Тур де Франс последниве години, нивни тројца велосипедисти (Бредли Вигинс, Крис Фрум и Герент Томас) победија на шест од последните седум изданија. Сето ова му успеа на тимот формиран пред само осум години, во 2010-та, со јасно поставена цел да победи на Тур во период од пет години. Тоа наиде на потсмев кај речиси сите во врвниот велосипедизам со оглед на тоа дека Британците немаа некое успешно „педигре“ на Тур, но тие што се потсмеваа набргу мораа да ги наведнат главите бидејќи Скај ја забележа првата победа во рок од три години, а потоа уште една во следните две години.
Оттаму природно се наметнува прашањето за тоа како дојде успехот на овој релативно млад клуб. Познавачите на врвниот велосипедизам споменуваат и анализираат неколку битни работи за успехот на Скај.
Допингот: Откако Скај се етаблира како врвен тим, постоеја сомневања за наводните допингувања на нивните возачи. Мал удел во тоа има и британскиот тим, со недостигот од транспарентност и ароганцијата што ги отуѓува од другите. Аферата од времето на Вигинс и неодамна со „салбутамолот“ на Фрум, им дадоа „храна“ на тие што се сомневаат. Но, тимот има самопрогласена политика на нулта толеранција за допинг и има строго утврдени правила за да ја обесхрабри (злоу)потребата на недозволени супстанции.
Пари: Процените се дека Скај на пазарот вреди 550 милиони долари. Годишниот буџет на клубот е над 40 милиони долари, што се огромни бројки за велосипедизмот. Тоа на Скај му овозможува да ја купи најдобрата опрема, да го ангажира најдобриот персонал и многу други работи. Но, најбитното во врска со парите е што можат да ги привлечат најдобрите велосипедисти.
Технологија: За примената на врвната технологија удел секако има големиот буџет, но и начинот како и каде се трошат парите. Скај инсистира на подобрување на опремата, на исхраната, методите на тренирање, облеката, на секој аспект што може да се подобри со технологијата.
Тимот: Велосипедизмот е тимски спорт, група талентирани и мотивирани велосипедисти на едно место е од суштинско значење за секој тим што има големи амбиции. Секоја година Скај има возачи што победуваат на најтешките етапи и кои диктираат темпо што другите тешко можат да го следат. Шефот на тимот, Дејв Брејлсфорд е немилосрден при изборот на возачи и не се двоумеше да исфрли од тимот и големи имиња како Вигинс или Марк Кевендиш, кога ќе почувствува дека има подобри опции.
Стратегија на водење на трката: Можете да ги имате најдобрите возачи во вашиот тим, да ја имате најдобрата технологија, детално да ја испланирате тактиката, но сето тоа не значи ништо ако не реагирате најдобро во даден момент, на топол ден во планините, особено кога вашиот лидер нема свој ден. Остроумното раководење со трките е белег на Скај. Од една страна, тие се господари на планините, а во исто време се експерти за заштеда на енергијата на конзервативните етапи.
Методи за тренирање: Скај е фокусиран на иновативните методи за тренирање со кои сметаат дека возачите ќе имаат максимална корист. Скај прв воведе „протоколи за јадење по трката“ и „постепено ладење на телото“ на возачите. Парите помагаат и овде, со тоа што Скај има ресурси за организирање редовни тренинг-кампови на голема надморска височина. Брејлсфорд инсистира велосипедистите повеќе да тренираат, да работат на тактиката, отколку да настапуваат на помали трки.
Желба и мотивација: Сите горенаведени фактори не вредат ништо доколку возачите немаат желба и мотивација да бидат најдобри. Ова е местото каде што Брејлсфорд негува култура на извонредност, што значи дека неговите возачи се мотивираат да го предизвикуваат најдобриот. Како нов тим, во почетокот беше желбата за докажување, меѓутоа Брејлсфорд успеа да го одржи тој „оган“ со промените во тимот. Во Скај велат дека победата е навика и тие создадоа навика да победуваат на Тур.