ШАМПИОНСКА ШАХОВСКА ТУРНЕЈА
Азербејџанецот Раџабов
победник на вториот турнир
Азербејџанскиот велемајстор Тимур Раџабов победи на вториот интернет-турнир во забрзан шах, ја освои паричната награда од 60.000 долари и се пласира во финалето на „Шампионска шаховска турнеја“, која ќе трае до септември и ќе е состои од 10 турнири. Во конкуренција на 12 врвни шахисти, тој во финалето по два натпреварувачки дена (од по четири партии) го победи Ерменецот Левон Аронијан со 4.5-2,5. Третото место му припадна на Французинот Максим Вашер-Леграв, кој го победи со 4,5-3,5 Русинот Данил Дубов, кој, пак, во четврт-финалето го победи светскиот првак Норвежанецот Магнус Карлсен со 4,5-2,5. Партиите се играат со темпо од двапати по 15 минути, плус 10 секунди по секој потег. Во прелиминарната фаза со по 6,5 поени најдобри беа Карлсен и Американците Весли Со и Хикару Накамура. На првиот турнир од оваа серија, Со во финалето го совлада Карлсен.
НБА
Кари даде 62 коша, рекордер останува Чемберлен со 100
Кошаркарот на Голден стејт, Стеф Кари, на дуелот со Портланд постигна 62 поена, што е негов личен рекорд, а Голден стејт славеше со 137-122 во меч од НБА-лигата. Кари за 36,5 минути игра имаше шут 18/31 од игра, осум тројки од 16 можни, а од линијата за слободни фрлања 18 поени од 19 обида, дополнети со пет скока и четири асистенции. Тој само во првите 12 минути постигна 21 поен, остатокот од тимот постигна 15, а на целиот дуел речиси половина за својот клуб. Ова постигнување е на делба од 34-то до 43-то место на листата со најефикасни кошаркари на еден меч во НБА. Засега ненадминат е рекордот од 100 поени на Вилт Чемберлен (во 1962 година), а потоа следуваат Коби Брајант со 81 (2006) и повторно Чемберлен со 78 поена (1961). Во Западната конференција засега водат ЛА клиперс, Мемфис и ЛА лејкерс со по пет победи и два пораза, а во Источната лидер е Филаделфија со пет победи и еден пораз.