Клубовите во НБА добија помош, ќе имаат по 15 кошаркари на меч
Клубовите во кошаркарската НБА-лига добија дозвола да имаат 15 кошаркари на активниот список за претстојната сезона 2020/2021. Одборот на гувернери на Лигата им обезбеди дополнителна мерка на клубовите за да помогне за какво било неочекувано отсуство на играчи во текот на сезоната. Одборот на гувернери го одобри планот да им се даде на тимовите можност да го прошират својот активен состав на кошаркари од 13 на 15 за еден натпревар, а како резултат на можноста на екипите да им недостигаат кошаркари одвреме-навреме. Во претходните сезони на клубовите им беше дозволено да носат вкупно по 15 играчи, но само 13 можеа да бидат активни на теренот на еден натпревар. Г.И.
Премиер-лигата и понатаму со по три замени на фудбалери на еден меч
Во англиската фудбалска Премиер-лига третпат беше отфрлен предлогот за воведување пет замени на играчи на натпревар. Половината клубови, 10, повторно беа против предлогот на Фудбалската асоцијација (ФА) и на Синдикатот на играчи (ПФА). Десетте клуба што гласаа против пет замени се Астон вила, Барнли, Кристал палас, Фулам, Лидс, Лестер, Њукасл, Шефилд, Вест хем и Вулверхемптон.
Премиер-лигата е единственото поголемо натпреварување во Европа каде што се дозволени по три замени. Во другите пет големи лиги во Европа, во Франција, Германија, Италија и во Шпанија, се дозволени по пет замени, како и во Лигата на шампионите и во Лига Европа. Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити, Јирген Клоп на Ливерпул и Франк Лампард на Челси се за повеќе замени поради згуснатиот календар и многуте натпревари, што веќе предизвика многу повреди. Другите клубови возвратија со прашање зашто некои менаџери многупати не го искористија ниту правото за три замени. Л.Д.