ФУДБАЛ
Десетти пат меч со најмалку три гола на гости

Македонската фудбалска репрезентација го одигра 10-от меч со повеќе од два постигнати гола на гости, откако ремизира 3-3 со Естонија, во 3. коло од Лигата на нациите 2021. Тоа беше петти меч на Македонија со три постигнати гола на теренот на противникот и второ такво реми.
Македонија нема пораз кога на гости постигнала барем три гола. На досегашните 10 меча (против осум репрезентации), црвено-жолтите забележаа седум победи и три ремија, од кои едно со резултат 4-4. Од десетте средби, половина се официјални натпревари, од квалификациите за европските или за светските првенства или во Лигата на нациите, и забележани се три победи и две нерешени средби. На петте пријателски меча со повеќе од два постигнати гола се забележани четири победи и едно реми.
Најмногу голови на гости Македонија постигна во својата најголема победа досега, со 11-1 со Лихтенштајн, во 1996 година, во квалификациите за Светското првенство во 1998 година во Франција.


ФОРМУЛА 1
Хамилтон израмни еден рекорд, со што е во трка за уште еден рекорд на Шумахер

Британецот Луис Хамилтон се изедначи според бројот на победи со Германецот Михаел Шумахер на вечната листа во Формула 1 откако победи на патеката Нирбургринг во неделата. Хамилтон има седум триумфи сезонава на 11 трки, по што води во генерален пласман со 230 бода, пред Валтери Ботас со 161, Макс Ферстапен со 147 итн.
До крајот на сезоната има уште шест трки, од кои следна е големата награда на Португалија на 25 октомври. Хамилтон е во трка и по уште еден рекорд на Шумахер, во вкупниот број титули во Формула 1 (Шумахер има седум, Хамилтон шест). Та.Д.

 


ШАХ – ТУРНИР ВО НОРВЕШКА
Криштоф-Дуда ја прекина двегодишната серија без пораз на Карлсен

Полјакот Јан Криштоф-Дуда (2.757 рејтинг-поени, рангиран 15-ти на светската листа) му го нанесе првиот пораз на светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.863, прворангиран) и со тоа ја прекина неговата серија од 125 партии без пораз во класичен шах. Тоа се случи во 5. коло на турнирот во Ставангер, Норвешка.
Карлсен загуби партија по две години, два месеца и 10 дена, односно по поразот на турнирот во Швајцарија во јули 2018 година од Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров. Во 6. коло Карлсен му се реваншира на Криштоф-Дуда со победа по само 26 потези. Турнирот (вкупно 10 кола) се игра со невообичаен начин на бодување (за победа се освојува три поени, во случај на реми се игра една т.н. армагедон-партија во забрзан шах…Г.И.


ТЕНИС – НОВА ТИТУЛА НА РОЛАН ГАРОС

Рафаел Надал: Ова е незаборавен ден за мене

Победата на Ролан Гарос многу ми значи. Ова е незаборавен ден за мене. Но мојата среќа не е целосна поради ситуацијата низ која поминуваме, тажно е да се игра пред само 1.000 гледачи, а сето тоа придружено со голем број мерки за превенција и заштита, изјави Шпанецот Рафаел Надал, кој ја освои 13-та титула во своето 13-то финале на престижниот тениски гранслем-турнир во Париз, победувајќи го во финалето најдобриот светски тенисер, Србинот Новак Ѓоковиќ, со 6-0, 6-2, 7-5.
Надал во финалето ја забележа својата 100-та победа на турнирот на кој досега бил поразен само двапати. За Шпанецот ова е 20-та јубилејна гранслем-титула, со која се изедначи на првото место со Швајцарецот Роже Федерер. Ѓоковиќ има 17. Финалето во Париз беше 56-от меѓусебен дуел на Ѓоковиќ и Надал, во кој меѓусебниот скор сега е 29-27 за Ѓоковиќ. Та.Д.