ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Герент Томас прв фаворит за триумф на есенското Џиро
Првата велосипедска грантур-трка во сезоната, Џиро д’Италија, која традиционално се вози во мај и во јуни, годинава поради пандемијата на коронавирусот ќе следува по Тур де Франс, од сабота. Годинашното 103-то Џиро ќе се вози низ Италија, со кратка посета на Франција, во 20-та етапа, при искачувањето на Кол д’Изоар. Трката, која е долга 3.495 км и има 21 етапа, ќе почне во Палермо со првата етапа на хронометар долга 15,1 км и треба да заврши во Милано, на 25 октомври со уште една трка на хронометар од 15,7 км.
Италија беше добар домаќин на Светскиот шампионат во Имола минатата недела, поради што организаторите на Џиро веруваат дека трката ќе помине во најдобар ред и поради строгиот протокол за ковид-19, со почитување на правилата за физичко растојание, употреба на маски и друго. Како и на Тур де Франс, возачите и тимскиот персонал пак ќе бидат во т.н заштитни меури и ќе мора да се придржуваат до строги правила, со тестирање пред и за време на трката.
Сепак, директорот на трката, Мауро Вењи, реши да не се применува правилото од Тур „со двајца позитивни, тимот се исклучува“. Само ако има поголема бројка заразени може да следува суспензија на некој тим или дури прекин на трката. Ќе се контролира и бројката на гледачи каде што ќе поминува велосипедскиот карван и од нив ќе се бара да носат маски.
Велшанецот Герент Томас, кој не настапи на Тур де Франс каде што победи во 2018-та, е меѓу главните претенденти за освојување на „розовата“ победничка маичка. Во кругот на фаворитите се и Британецот Сајмон Јејтс, кој пред две години неочекувано во претпоследната етапа ја загуби трката од Крис Фрум, потоа Италијанецот Винченцо Нибали, двократниот победник на Џиро во 2013 и во 2016-та, Стивен Крусвијк, Јакоб Фуглсанг итн.
ФУДБАЛ
Историскиот ФА-трофеј продаден на аукција за 760.000 фунти
Сопственикот на англискиот фудбалски клуб Вест Хем, Дејвид Голд, го продаде на аукција најстариот преживеан трофеј на ФА-купот за 760.000 фунти (832.660 евра). Голд го купи пехарот, втората верзија на трофејот за ФА-купот, што го добиваа победниците во ова натпреварувањето од 1896 до 1910 година, пред 15 години за 478.000 фунти (523.700 евра), кога беше претседател на Бирмингем сити, објави „Ројтерс“. Оригиналната верзија на трофејот била украдена во 1895 година. Шефилд јунајтед е првиот освојувач на новиот трофеј во 1896 година, совладувајќи го Вулверхемптон во финалето со 2-1.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Денеска ждрепка, од 20 октомври следува експресна групна фаза
Унгарски Ференцварош првпат по 25 години ќе игра во групната фаза од натпреварите во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако во плејофот го елиминира норвешки Молде. На Ференцварош му се придружија и украински Динамо Киев, по триумфот над белгиски Гент и грчки Олимпијакос, кој беше поуспешен од кипарска Омонија.
По синоќешните последни три реванши од плејофот сезонава, ПАОК – Краснодар, Салцбург – Макаби Тел Авив и Митјиланд – Славија Прага, беа комплетирани 32-те екипи (шест од квалификациите) што од 20 октомври до 9 декември ќе ги играат шесте кола во осумте групи.
Земјите со највисок коефициент, Шпанија, Англија, Германија и Италија, имаат по четири екипи. На денешната ждрепка, од 17 часот, во Женева 32-те екипи ќе бидат сместени во четири барабани. Во првиот се европскиот првак Баерн, победникот во Лига Европа, Севилја и шесте прваци од најквалитетните лиги според коефициентот на земјите од кои доаѓаат. Во другите барабани тимовите се распоредени според клупските коефициенти. Според пропозициите, во групите ќе нема тимови од иста земја.
СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ
Барабан 1: Баерн, Севилја, Реал Мадрид, Ливерпул, Јувентус, ПСЖ, Зенит и Порто
Барабан 2: Барселона, Атлетико, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Шахтар, Борусија Дортмунд, Челси и Ајакс
Барабани 3 или 4: Динамо Киев, Лајпциг, Борусија Менхенгладбах, Интер, Аталанта, Лацио, Локомотив Москва, Олимпијакос, Рен, Марсеј, Бриж, Башакшехир, Ференцварош, ПАОК или Краснодар, Салцбург или Макаби Тел Авив и Митјиланд или Славија Прага