Роберт Левандовски

Баерн е најефикасен, со речиси четири гола по меч

Германскиот фудбалски првак Баерн е најефикасниот тим сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ) со 27 гола, седум повеќе од најблискиот ривал ПСЖ (Франција). Баерн е на врвот на ранг-листата за најмногу удари кон голот (166) и за најмногу директни удари во голот (70) во ЛШ сезонава, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Просекот на Баерн на досегашните седум меча во ЛШ сезонава е речиси четири гола по натпревар (3,85). Германскиот првак е единствен сезонава со победи на сите мечеви во елитното натпреварување (седум, со вкупна гол-разлика 27-5).


Ќе го прекине ли некој владеењето на Меси и на Роналдо?

Во претходните 11 сезони најдобар стрелец во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) беа или Аргентинецот Лионел Меси или Португалецот Кристијано Роналдо (со еден исклучок, кога во сезоната 2014/2015 го делеа првото место со Бразилецот Нејмар, кој тогаш играше за Барселона, а сите постигнаа по 10 гола).
Сезонава Меси (Барселона) и Роналдо (Јувентус) постигнаа по два гола, а води Полјакот Роберт Левандовски (Баерн) со 11 погодока, еден повеќе од Ерлинг Холанд (Борусија Д.), кој ја заврши сезоната во ЛШ, и по пет повеќе од фудбалери што уште се во игра, Дрис Мартенс од Наполи и Серж Гнарби од Баерн.


Вимблдон издвои 10 милиони фунти за учесниците на откажаниот турнир

Тенискиот гранслем-турнир Вимблдон ќе подели 10 милиони фунти како награда на 620-те играчи кои ќе учествуваа на шампионатот во 2020 година ако не беше откажан поради пандемијата, јави „Би-би-си“.
Сите играчи што според рангирањето на АТП би влегле во ждрепката на главниот турнир ќе добијат по 25.000 фунти, тенисерите што требаше да играат во квалификациите ќе добијат по 12.500 фунти итн. Организаторите на турнирот не ги заборавија ни судиите што требаше да судат на мечевите на турнирот, така што и за нив е предвидена парична награда.
– Знаеме дека овие месеци на неизвесност беа многу загрижувачки. Веднаш штом го откажавме турнирот, разгледавме опции како да им помогнеме на сите оние што го сочинуваат нашиот турнир секоја година. Многу играчи се соочија со финансиски проблеми во овој период – рече главниот извршен директор на Вимблдон, Ричард Луис.
По откажувањето на Вимблдон, турнирот ја наплати полисата за осигурување, а Сеанглискиот клуб донира 1,2 милион фунти за хуманитарна помош на ранливите категории луѓе за време на пандемијата на коронавирусот. Та.Д.


Тенисерките се враќаат на терен идниот месец во Палермо

По петмесечна суспензија на тениската сезона поради пандемијата на коронавирусот, Женската тениска асоцијација (ВТА) објави дека со турнирот во Палермо, на 3 август, ќе продолжи сезоната, а една недела подоцна се предвидени и турнирите во Прага и во Лексингтон, пренесе „Ројтерс“.
ВТА, исто како и Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП), го ревидира системот за пресметување на светското рангирање во продолжението на сезоната погодена од коронавирусот. Најдобрите 16 резултати ќе важат 22 месеца наместо вообичаените 52 недели, од март 2019 година до крајот на годинава. Со новиот систем на бодување, тенисерките ќе можат да ги задржат бодовите освоени на турнирите во 2019 година ако постигнат послаб резултат на истиот турнир годинава.
– Со нетрпение го очекуваме враќање на женскиот професионален тенис во 2020 година. Задоволни сме да обезбедиме услови за играње на нашите спортисти и пресреќни сме што, според привремениот календар, нашите тенисерки ги ќе ги пречекаме и во Прага и во Лексингтон – рече претседателот на ВTA, Стив Симон.
Тој исто така додаде дека мастерс-турнирот во Синсинати е предвидено е да се игра од 15 до 23 август во Њујорк, а веднаш потоа на истите терени од 31 август до 13 септември следува гранслем-турнирот САД опен. Следни на прорамата се турнири на земјена подлога во Мадрид и во Рим итн. Та.Д.


Меси сега го брка рекордот на Анри

Како да не постои рекорд во шпанската фудбалска Ла лига што Аргентинецот Лионел Меси од Барселона не го поседува или барем што не го израмнил.
Така, на натпреварот Барселона – Валјадолид, 1-0, Меси му асистираше на Артуро Видал за победничкиот гол, што е 20-то успешно додавање сезонава за него, со што се израмни со поранешниот соиграч од Барселона, Чави, кој пред 11 сезони, кога Барселона освои три трофеи (Лигата на шампионите, трофејот за првак на Шпанија и пехарот за Купот на таа земја), забележа 20 асистенции во Ла лига. Но ниту еден фудбалер во Шпанија нема забележано 20 гола и асистенции во една сезона.
Меси е вториот играч во 21 век со барем по 20 асистенции и голови (досега 22 погодока) во петте најдобри лиги во Европа во една сезона. Претходно тоа го оствари Французинот Тиери Анри, во дресот на англискиот премиерлигаш Арсенал, во сезоната 2002/2003, кога имаше 24 гола и 20 асистенции. Меси шеста сезона по ред ја надминува бројката 40, голови и асистенции заедно.
Барселона заостанува само еден бод зад Реал Мадрид, но има одиграно и еден натпревар повеќе сезонава во Ла лига. Л.Д.


Бундес-лигата сезонава ќе има пократка зимска пауза

Сезоната 2020/2021 во Германија треба да почне со натпреварите во Купот на таа земја, на 11 септември, а една недела подоцна, на 18 септември, треба да се одигра првото коло во Бундес-лигата. Според календарот што го објави Германската фудбалска федерација, лигашките натпревари треба да почнат повеќе од еден месец подоцна отколку за сезоната 2019/2020.
Со ова се создава простор за мини-турнирите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) во август. Бундес-лигата треба да заврши на 22 мај 2021, навреме пред почетокот на Европското првенство (ЕП), кое треба да почне на 11 јуни в година.
Зимската пауза во германското првенство ќе биде пократка. Последните натпревари (за Купот) годинава треба да се одиграат на 23 декември, а првите прволигашки натпревари во 2021 година на 2 јануари, две недели порано од лани.
Лигата соопшти дека ќе ги поддржи клубовите што работат со локалните здравствени власти на плановите за безбедно враќање на гледачите на стадионите. Л.Д.